Никогаш не им се заблагодаруваме и не им се восхитуваме доволно на жените. Особено не на успешните жени, а ги има многу. Секогаш поминуваат пропратно, а кога ќе дојде празникот 8 Март, сите сакаме да им честитаме, затоа што им е празник. Цути бизнисот со цвеќиња, особено закажаните ручеци и вечери по локални ресторани, славење, радости, фризури, шминкање… и следниот ден повторно суровата реалност. Сите сме исти, ама не сите стигнавме да бидеме исти по истот пат, некои дојдоа до целта, по потешкиот пат.
Што значи да си жена?! Денес, утре, вчера…
Ако си родена во, четириесетите, педесетите години на минатиот век, тоа значи дека си учела во поранешната држава и си се омажила тогаш кога требало, да не задоцниш. Потоа си морала да одиш на работа, да се грижиш за сопругот, децата, неговите родители и твоите, како и за сè останато што било поврзано со вашете семјство. Требало да готвиш, можеби дури и да переш на раце, можеби си фатила период кога немало струја, вода, некаде, и можеби требало да одиш и ноќна смена на работа, да не спиеш, па да штедиш, за да не те прогласат за „расипикуќа“. Можеби сопругот ти помагал, можеби те тепал, можеби бил пијаница, не си смеела да зуцнеш, за да не пукне брука и да ти го жигосаат семејството. И сè така со години, додека да стигнат децата за на училиште, па да пораснат, па да завршат факултет, па да се омажат, оженат и да излезат на прав пат. На работа требало да слушаш, да работиш, да ќутиш, да ја промениш работата, оти нема фирма што не се затвори од тоа време, тешко си стигала до зголемување на плата ако не се доусовршувала, завршила училиште , факултет, и ти и сето тоа го направи и на крај и си плати стаж за да дочекаш пензија.
Сега си баба, уште помагаш, иако даде се од себе. Важно среќна си. Истото важи и за тие што се родини во шеесетите, седумдесетите…
При крајот на минатиот век и во почетокот на овој, никој не ги забележуваше овие жени, а и не бараа да бидат забележани, само да има мир во куќа. Родени во некое поинакво време, брзо се прилагодија на новото, тргнаа на работа, готвеа по дома, чистеа, чуваа деца, им помагаа на децата за во училиште, како да имаа десет раце и како да беа по 10 во една. Повеќето не одеа да слават 8 Март, ако им организираат од работа, доволно им беше сите дома да се живи и здрави, најадени, средени и следниот ден повторно на работа и повторно истото максимално вложување.
Денес имаме 300 машини, за перење, за готвење, за чистење, за миење садови, но не успеваме да постигнеме ниту половина од тоа што го правеле и го направија тие тогаш.
Затоа да им се заблагодариме за нивниот труд и за сето она што го постигнале, зборувам во оваа наша држава, на овие наши простори. Благодарејќи им на нивната жртва ние, денешните жени можеме да кажеме дека имаме некакви права, оти тие не попуштија пред предрасудите и ни беа и се уште ни се нашата најголема поддршка. За нас се уште не се знае. Некако како повеќе да сакаме да ги славиме женските права, отколку да се бориме за нив и да ги имаме.
Среќен 8 Март, девојки, мајки, жени со 10 раце. Овој зборови Ви ги посветувам на Вас, секако заслужувте и повеќе.