Отец Оливер Петровски: На гладниот човек му е потребна храна, не совет, да донираме за да нема повеќе гладни деца

ПРИКАЗНИ SLIDE




Хуманитарната организација „Свети Спас“ на Скопската православна епархија при МПЦ – ОА, што фукционира со помош на донациите на многу хумани граѓани и фирми, во месец март израдува многу семејства на кои им требаше помош, особено храна. Оформена е со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и засега им помага на преку 350-тина семејства на кои што континуирано, секој месец, им носи храна, хигиенски производи, облека… Многу често на нивната страна ќе се видат статуси како се бара помош за некое лице, семејство или дете, во вид на храна, средства за хигиена или мебел, санитарија…, но и одговори од луѓе кои сакаат да го дадат тоа што се бара, па дури и повеќе.

Разговаравме со отец Оливер Петровски, кој ја води оваа хуманитарна организација и секојдневно преку социјалната мрежа Фејсбук, но и насекаде каде што може бара помош за оние на кои што тоа им е најпотребно и им се заблагодарува на оние кои донираат.

Тој ни откри дека оваа хуманитарна организација функционира пет години и (околу) три месеци, а до моментот до кога го направивме разговорот, имаат поделено 324 пакета за месец март, или 6 и пол тони храна и хигиенски средства.

-Живеам за оној ден кога ќе нема потреба од ниту една хуманитарна организација, буквално сите да ги затвориме. Знам дека е утопистички, но надежта последна умира. Се надевам и верувам дека дека тој ден ќе дојде, можеби нема да го доживеам, но сакам нашите поколенија да живеат во таков свет, каде што нема да има себичност, нема да има болки, ќе има само радост, сите ќе бидат со насмеани лица и вера во Господ, вели Петровски.

За да може да се помага потребни се луѓе? Колку сте?!

-Досега немавме вработени, сега со помош на Град Скопје имаме двајца хонорарни работници. Имаме многу волонтери, но сега со оглед на ситуацијата со пандемијата, дел од нив се повлекоа. Разбирливо е тоа. Затоа наоѓаме и други начини, вели Петровски.

Народот рекол „Таа рака што дава, не се суши“, писателот Живко Чинго пак „Ваше е само она што ќе им го дадете на другите“. Има многу познати личности и во светот што практикуваат да донираат. Каква е ситуацијата кај нас според Вашето искуство?

-Слободно можам да кажам дека нашиот народ е еден од најхуманите луѓе кои што постојат во светот. Иако сме сиромашни материјално како народ, духовно сме многу богати. Подготвени сме секогаш, материјалното да го поделиме со оние на кои што им е потребна помош. Ние имаме само десетина фирми што ни помагаат, за жал, додека сите останати донации се претежно од луѓето кои работат за минимална плата и веднаш штом ќе ја добијат платата прво одат да купат донација за нашата Хуманитарна организација, а дури потоа пазарат за себеси. Потребно е малку повеќе да порасне општествената свест, да бидат малку поодговорни самите фирми. Во Македонија има фирми со милионски евра промет, но некако, барем според нашето искуство, не велам дека можеби тие не донираат, или не помагаат на друго место, но одзивот е премноги слаб. Во изминативе десетина дена испратив 150 е-маил пораки, меѓу кои и на 50. најуспешни фирми во 2020 година, одзивот е 0, буквално, но затоа пак се вклучија 4 помали фирми. Повторно се потврди тезата дека нашиот народ иако е сиромашен материјално, духовно е многу богат. Потребно е поголемо вклучување на фирмите, на самата држава, затоа што сме социјална држава. За една година 60.000 луѓе останаа без својата егзистенција. Се затворија 3.000 мали и средни бизниси, така што притисокот врз хуманитарните организации за оваа една година порасна навистина многу. Најтажно и најжално е кога некој ќе побара помош, а вие знаете и дека навистина му е потребна таа помош, да немате што да му дадете. Да се надеваме дека поголемите фирми, оние кои што навистина можат, ќе се вклучат. Доколку тие донираат барем четвртина од она што го донираат во спортот, не сум против спортот, да не се разбереме погрешно, би се нахраниле многу повеќе луѓе и би имало многу поголем одзив и благодарност кон истите фирми.

Какви се потребите, каде најчесто помагате?

-Помагаме на социјално загрозени семејства и исто така имаме корисници од еднородителските семејства. Околу 50 проценти од нашите корисници се самохрани мајки кои побарале помош од нас. Знам дека кај нас постојат многу здруженија за самохрани родители, но навистина се чудам зошто тие не пружат конкретна помош, туку само совети, а сепак користат државни бенефиции. На гладниот човек не му е потребен совет. На гладниот човек му е потребна храна. Залудно е сега јас некаде да појдам и на некого да му „солам памет“, ако истиот тој не ме ни слуша затоа што му кркорат цревата. Иако во Македонија постојат илјадници здруженија, зависници од државните и меѓународните грантови, сепак би ги замолил повеќе да се вклуачат и со конкретна помош, а не само со држење предавања и така натаму. За едно предавање се трошат илјадници евра, замислете со тие пари колку луѓе може да се нахранат. Мораме малку повеќе да се свртиме кон практичниот дел, не само кон теоретскиот.

Луѓето на кои им помагате најчесто се во незавидна ситуација. Како одлучувате кому ќе му „подадете рака“?

Многу е тешко да изберете, така да се каже, на кое семејство ќе му помогнете, а кому не, затоа што немате како да му помогнете. Имаме одбор што ги разгледува барањата и гледа да се помогне на најприоритетните. Претежно тоа се многудетни семејства, затоа што најмногу гледаме да им помогнеме на децата и лицата кои што се неработоспособни. Нашата програма е многу „шарена“, наменета е буквално за сите вери, за сите националности и загрозени категории. Се обидуваме, пак ќе нагласам, да им помогнеме на сите, но нашите можности во изминатиот месец беа да можеме да им помогнеме на 320 до 330 семејства, за жал. Тоа не е затоа што ние така сакаме, туку заради тоа што ние толку можеме. Интересно е што, барем во последно време, се појавија многу хумани лица, кои буквално, „жарат и палат“ на Фејсбук, ама немаат ниту регистрирано организација или здружение, ниту имаат трансакциска сметка, ја користат својата лична и има многу злоупотреби. На тоа сите ние сме сведоци. Тие успеваат затоа што луѓето се буквално во незавидна состојба, се решаваат да побараат било каде помош, без разлика дури и на ризикот. Знаеме дека не можеме да помогнеме на сите, пак ќе нагласам, не затоа што не сакаме, туку затоа што можностите се тие, Дај боже да имаме и да им помогнеме на сите и дај боже да нема и потреба од хуманитарни организации, но проблемот е во тоа што народот се повеќе тоне, а оние кои најмногу можат да помогнат, најчесто се повлекуваат од причини познати само на нив. Тешко е да се одбере кому, но верувам во одборот на нашата хуманитарна организација, како и тоа дека навистина им помагаме на оние на кои им е потребна нашата помош.

Какво е чувството да се донира?! Зошто треба да се донира?

Од многу причини, Прво според заповедите на нашиот Господ, Исус Христос една од најголемите христијански доблести е токму човекољубието, токму милосрдието. Самиот Господ Исус Христос ни дал многу примери, како треба да постапуваме со оние кои немаат. Дури и во Светото писмо, во Новиот завет има, така да кажам закони, или наредби од светиот апостол Павле, како треба да се грижиме за старите изнемоштени лица, за вдовиците, за сирачињата..,

Вториот аспект е духовното задоволство. Оној кој не донирал, никогаш нема да го дознае тоа задовоство и среќа што душата и срцето на човекот го имаат тогаш кога ќе подадат. Човекот, како материјално битие, обично тежнее кон материјалното, но секогаш го заборава духовното. Она што е најголем проблем на денешницата e фактoт дека сите ние се трудиме да зграбиме повеќе. Меѓутоа, дали ние сме свесни дека еден ден ќе застанеме пред лицето на Господ и ќе треба да дадеме отчет. Дали ако го придобиеме целиот свет ќе останеме бесмртни, или како што велат старите, повторно ќе се вселиме во „два квадрати“. Значи, нашето место и она што можеме да го понесеме од тука се знае, можеме да ги понесеме само добрите дела, само љубовта што ќе ја оставиме позади нас. Бесмртноста може да се достигне само на тој начин, со добрите дела што ќе ги оставиме на овој свет.

Дали Ви се случило да донирате некому кому тоа не му било потребно?!

-За жал да, имаше злоупотреби, и поради тоа почнавме да бараме документи за состојбата како доказ, и плус оди наш волонтер за да ја провери состојбата. На почетокот, кога ја оформивме нашата организација, бидејќи ние сме пред сè црковна организација, дававме на доверба. За жал, имаше многу злоупотреби и токму тоа нè поттикна малку повеќе да проверуваме. Секој што доаѓаше претходно, гледавме веднаш да му помогнеме според она што тоа тој ќе го изјавеше. И денес, кога некој ќе дојде да побара помош, ние веднаш излегуваме со интервентен пакет, доколку сме во можност, за во меѓувреме тој да може да ги собере документите и да го пополни барањето. Злоупотреби има и сè уште, не можеме сите да ги откриеме, но обично ги откриваме за многу кратко време.

Дали помагате и парично?!

-Финансиски не помагаме, но доколку некој се обрати до нас за таква помош, особено ако се работи за лекување или школување, тогаш се обидуваме да ги споиме со некој од нашите донатори кој ќе може да им помогне директно.

Претежно бараме и помагаме со храна и хигиенски средства, Подигаме и покуќнина, но немаме каде да ги складираме, па затоа тие што донираат покуќнина и тие што бараат ги спојуваме и им доставуваме работите со нашето комбе.

Каде можат да Ве најдат оние кои што сакаат да донираат?!

-Во црквата „Свети Спас“ или во нашиот магацин во Драчево. Ние сме достапни и преку Фејсбук, а деновиве започнавме и со хуманитарната акција „Велигденска трпеза“, за да можеме да израдуваме што е можно повеќе семејства за големиот христијански празник Велигден. Мојот телефонски број го имаат сите, така што достапни сме за секој оној кој сака да помогне со нешто.

Отецот Оливер Петровски апелираше до сите поголеми субјекти да се вклучуваат што е можно повеќе во хуманите акции.

„Би сакал да апелирам до поголемите фирми да се вклучат во помагањето, донирањето, не мора преку нас, нека им донираат на луѓето, на другите хуманитарни организации. Најважното е нашиот народ да биде сит и да нема повеќе деца кои ќе заспиваат со гладно стомаче. Исто така би апелирал до сите луѓе што е можно почесто, според нивните можности, да се вклучуваат во хуманитарните акции, за истата цел, да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе, затоа што само така ќе можеме да го почувствуваме чувството на задоволство и ситост на нашата душа“.

Анета Тасова

.