Хуманитарни пакети за 52 дечиња од социјално загрозени семејства се доделени денеска во Берово. Пакетите со кондиторски производи се донација од хуманитарната организација „Свети Спас“ која ги подели во соработка со Општина Берово.
Хуманитарната организација „Свети Спас“ дејствува при Скопската православна епархија. Оттаму посочија дека целта на ваквите активности е да им се помогне на сите луѓе на кои им е потребна помош, без разлика на вера, националност и политичка определба.
-Со благослов на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, досега организацијата има помогнато на повеќе од 350 семејства на коишто континуирано, секој месец, им носи храна, хигиенски производи, облека и слично, посочија од хуманитарната организација.
Од Општина Берово се заблагодарија за донацијата и истакнаа дека ваквите донации се надополнување на претходните донации од општествено одговорни фирми и поединци од општината и се важни за никој да не биде заборавен, особено во овој период на здравствена криза.