Производството на пиперка не започнува со садењето на расадот, туку многу порано – со изборот на семенскиот материјал и внимателното производство на здрав и квалитетен расад. За успешна реколта потребни се знаење, навремена подготовка, соодветна прихрана и заштита, но и добра организација во секоја фаза од производството.
ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ НАЈВАЖНИТЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА СИТЕ ШТО САКААТ ДА ОДГЛЕДУВААТ ПИПЕРКИ ВО МОДЕРНИ ПЛАСТЕНИЦИ:
Првиот чекор – формална регистрација во ЕРЗС
Секој кој сака формално да се занимава со овој агробизнис, потребно е да се регистрира во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС). Оваа регистрација овозможува користење субвенции преку Програмата за директни плаќања и ИПАРД програмата.
Линк: Постапка за запишување во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) – Agrotim Pro
Андреј Андонов од село Банско, Струмица, заедно со своето семејство, околу 20 години се занимава со рано градинарство, со производство на благ и лут пипер и краставици во современи пластеници.

Производството почнува од семето
Андонов расадот го произведува самостојно. Семенскиот материјал се сее во пластични контејнери со 180 отвори, кои се полнат со супстрат. По поставувањето на семето, контејнерите се распоредуваат во однапред подготвена топла леа.

За затоплување на леата се користи биотермална вода, а во оваа фаза особено внимание се посветува на влагата и условите неопходни за правилно ртење и никнување.

Од никнувањето до фазата за пикирање потребни се околу 25 до 35 дена, во зависност од климатските услови.

„По пикирањето се врши полевање, прихрана и заштита. Од пикирањето до расадувањето на постојано место потребни се уште 30 до 40 дена, повторно зависно од климатските фактори“, објаснува Андонов.
Квалитетниот расад е основа за добра реколта
Во производството на расад секој детаљ има значење – од температурата и светлината до правилното полевање, прихраната и заштитата.
Пикирањето се врши во контејнери со поголеми отвори, а по него расадот продолжува да се развива до фазата во која е подготвен за расадување на постојаното место.
Еден од знаците дека се приближува моментот за расадување е појавата на првите пупки. Но, според Андонов, не треба да се дозволи расадот да процвета додека е во леата, па расадувањето треба да започне два до три дена откако ќе се појават пупките.

Подготовката на почвата започнува уште наесен
Подготовката на површината за производство не се остава за последен момент. Таа започнува уште наесен со длабоко орање, а доколку има потреба од арско ѓубрење, тоа се врши пред орањето.
Пред расадувањето следуваат дополнителни агротехнички мерки – фрезирање и подготовка на браздите.
„Грижата за растението почнува веднаш со расадувањето на постојано место. За успешно производство потребно е добро познавање на растението, но и однапред направена анализа на почвата, и на макро и на микроелементите“, вели Андонов.
Прихраната се приспособува на секоја фаза од развојот
Потребите на растението не се исти во текот на целата сезона, па затоа и прихраната се менува во зависност од фазата на развој.
По расадувањето, вообичаено се користат биостимулатори со поголем процент на фосфор, со цел растението подобро да се вкорени. Пред цветањето следува прихрана со микроелементи, меѓу кои и бор, а во фазата на формирање на плодовите се користат кристални NPK-ѓубрива.
Меѓу формулациите што ги користат се NPK 20-20-20, NPK 16-8-24 и NPK 18-9-27.

Заштитата од болести и штетници е постојана
Во производството на пиперка големо внимание се посветува и на заштитата на растенијата.
Меѓу проблемите со кои може да се соочат производителите се вертицилиумот, пламеницата и пепелницата, како и штетници како трипсот, вошките и пајакот.
Една од мерките што Андонов ја издвојува е соларизацијата на почвата во летниот период, кога високите температури можат да придонесат за подобрување на условите во почвата. Во текот на производството се применуваат и соодветни третмани за заштита на растенијата.

Од расадувањето до првата берба – околу 50 до 55 дена
Од расадувањето на постојано место до првата берба во просек поминуваат околу 50 до 55 дена, иако периодот зависи од повеќе фактори.
Бербата започнува во раните утрински часови. Најпрво се проценува дали плодовите се доволно созреани за берење, по што работата продолжува на нива или во оранжеријата.
https://jumpshare.com/embed/o0zj9hxfl2HVPyWd3g1g
„Се оди рано наутро, околу 5 часот, и се бере до 9 часот. Потоа се преминува на втората фаза – класирање и пакување на производот“, објаснува Андонов.

Пласманот останува еден од најголемите предизвици
И по успешно завршеното производство, работата на земјоделецот не завршува. Пласманот на производот е важен дел од целокупниот процес, а според Андонов, може да биде нестабилен доколку однапред нема договор за откуп, најчесто со големи откупувачи и магацини, меѓу кои ги наведува МН Компани, Христмил и Термални оранжерии.

Колку чини современа оранжерија?
Инвестицијата во современа оранжерија е значителна. Како пример, Андонов посочува дека за еден декар потребни се околу 6.000 до 8.000 евра.
Периодот за враќање на инвестицијата, според неговото искуство, е приближно од две до четири години. Сепак, тој нагласува дека најголемо влијание има пазарната цена на производот, а важни се и количината и квалитетот на производството.

И покрај почетната инвестиција, Андонов смета дека современите оранжерии носат повеќе можности за производителите.
„Секако дека се исплаќа. Најпрво, се намалува потребата од работна сила, има поголем простор за проветрување и затоплување, а се добиваат и повисок принос и поквалитетен производ. И порано се доаѓа до берба“, вели тој.
Андонов планира и понатамошно проширување на производството, со нови оранжерии и воведување нови технологии. За поголеми инвестиции, сепак, според него, потребна е и дополнителна поддршка преку државните мерки и ИПАРД-фондовите.

За земјоделците кои размислуваат за инвестиција во современа оранжерија, неговата порака е дека ваквото производство може да донесе порано излегување на пазарот и поголема конкурентност.
„Кој е во можност да си дозволи, инвестицијата може да се поврати за неколку години. Тоа не се фрлени пари. Со современите оранжерии порано се излегува на пазарот, се станува поконкурентен и може да се постигнат повисоки цени“, вели Андонов.

Извор: Агротимпро
