Ако досега не сте слушнале за балетската група „Магија“ од Пробиштип, време е да ги запознаете овие мали но големи ѕвездички и Ели Донев која веќе осма сезона ги води низ многу успеси, како низ Македонија, така и во регионот.
Донев е сертифициран тренер, национален IDO (International Dance Organisation) судија и интернационален WADF( World Artistic Dance Federation) судија во Перформинг Арт. Работи со модерен и современ балет, класичен балет, џез, етно балет, акро денс и сл.
Ако ја прашате како почнала, ќе ви рече: Танцувам откако знам за себе, мојата работа многу ме прави среќна и работам со задоволство. Таа работи во Домот на културата „Злетовски рудар“ во Пробиштип, каде веќе со години постои ваква секција, а од овој месец започнуваат да се формираат групи и во Крива Паланка.
Започнала аматерски, но брзо сфатила дека тоа е тоа што го сака и како оформен танчер се натпреварувала на многу натпревари. Од 2000 година започнала да работи и како кореограф при Дом на култура „Злетовски Рудар“ – Пробиштип, а од 2017 ги води „Магија“, буквално магични деца кои оставаат впечаток каде и да се појават, често ги собираат и сите награди.
-Бев член на неколку балетски групи како дете, групи кои што работеа како дел од таа секција од 1986/87 па се до 2000 година. Токму во таа 2000 година беа потребни кореографи и ми понудија мене, да се обидам и да видам дали ќе можам да се снајдам. На почетокот бев скептик, не знаев како ќе се снајдам, ама сите ме уверуваа дека сум родена за таа работа и прифатив. Така започна мојата кореографска приказна и трае до ден денеска, со мала пауза од некоја година бидејќи станав сопруга и мајка на два сина, раскажува Донев.
Упорна, со многу предизвици пред себе, но и љубов кон работата, Донев успева да ги направи овие деца да бидат најдобри во балетот речиси каде и да се појават, а многу често и да се закитат со златни медали.
„Љубовта кон танцот беше пресудна за изборот на мојата кариера. Отсекогаш сум се восхитувла на можноста на човечкото тело само преку движење да успее да пренесе и раскаже цела една приказна. Многу сум среќна што го работам тоа што го сакам и работата ми причинува огромно задоволство“, раскажува Донев.
-Како започна „Магија“, имаше ли интерес во Вашиот крај?
-На почетокот беа десетина деца, за да во следните месеци таа бројка добие на големина и во еден период броевме 120 члена. Во 2018 и 2019 година држев часови и во Кратово и еве сега од овој септември почнувам со часови и во Крива Паланка, раскажува Донев.
Кога треба да започне да се танцува? Дали има ограничување во поглед на возраста?
Танцот е идеален за деца од 4 години па нагоре. Зошто? Затоа што со танцувањето не само што го движиме телото, го развиваме и слухот, го држиме телото исправено со што спречуваме искривување на рбетниот столб, ги координираме движењата со што ја развиваме и меморијата, го спречуваме дебелеењето и сето тоа го правиме со насмевка на лицето. Децата во „Магија“ се поделени во повеќе групи според возраста и секоја група си има има своја програма за работа. Работам со деца од 4 години па нагоре, до највозрасната група која што ја сочинуваат возрасни од 35+ години.
Кои се главните предизвици да се работи Вашата работа, со што се соочувате секој ден?
Во денешно време најголем предизвик е да го задржиме вниманието на најмалите балерини. Нивните часови мора да се добро осмислени, вежбите ги правиме преку игра, користиме и разни реквизити како тули, топчиња, хулахопи… сè со цел да им биде забавно и низ игра да ги совладаат основните чекори. Со поголемите деца редовно одиме на натпревари во и надвор од Македонија и тука предизвик се финансиите, вели Донев.
На страницата на „Магија“ постојано има објави од настапи, учества на натпревари и победи. Наградите секако се мотивација да се биде подобар, но колку всушност имате освоено?
-Низ годините сме биле на многу натпревари, како национални така и меѓународни. Секогаш сме имале значителни резултати и како доказ имаме 159 трофеи кои што го красат нашето студио и се доказ дека со дисциплина, упорност и посветеност сè е возможно. Ако треба да ги одвојам најголемите успеси, тука би ги спомнала големите победи на Светското првенство на WADF во 2018 год каде формацијата деца во стил Акро Денс се закитија со титулата светски шампиони, а девојките од јуниорската формација беа Вицешампиони во Етно Денс.
На Европското првенство на IDO во 2022 година Лука Георгиевски ја освои бронзата во соло современ балет, а дуото на Лука и Јована Јовановска се пласира во ТОП 16 кореографии.
-Како најистакнат член и солист моментално ни е Софија Јовановска (11). Таа досега ни има донесено најмногу победи и најмногу специјални награди, вели Донев.
Тие победиле и на Гала вечерта на Artist Hub 2022 и исто така 2023 година каде од преку 100 кореографии јуниорите на Магија биле најдобри.
-Децата пак од „Магија“ станаа апсолутни победници на IDC Штип 2024 година со нивната најнова кореографија во акро стил. Имаме учествувано на сите натпревари во Македонија, во Скопје, Велес, Штип, Гевгелија, Струмица и можам да кажам дека имаме многу талентирани деца кои што допрва ќе ни покажуваат што се знаат и умеат, вели Донев.
-Учествуваме на сите натпревари во Македонија, во Скопје, Велес, Штип, Гевгелија, Струмица и можам да кажам дека имаме многу талентирани деца кои што допрва ке ни покажуваат што се знаат и умеат, раскажува Донев и вели дека не само децата, туку многу зависи и од родителите.
-Би сакала и јавно да им се заблагодарам на сите наши родители кои несебично се вложуваат во своите деца и им се безрезервна поддршка, како финансиска така и морална.
Што е следно за „Магија“, подготвувате ли нешто ново со магичните деца од вашата „Магија“?
„Магија“ секоја година прави по два концерти, еден новогодишен во духот на празниците и еден целовечерен каде што публиката може да ги виде кореографиите со кои што се натпреваруваат децата во текот на годината. „Оваа година ги направив „БЕЛИЛА” спој на македонската поезија и музиката.
За неа многу е важно децата да учествуваат и на работилници и семинари и да работат и со други кореографии за да можат да го продлабочуваат своето знаење и секојдневно да учат нешто ново.
„Ние работиме и соработуваме како со наши така и со кореографи и предавачи и од странство. Сакам да им посакам на сите колеги и на сите танчери уште една убава, разиграна и насмеана танцувачка сезона“, порача Донев.