Сè што треба да видите во италијанскиот рај: Чудесната Тоскана

ПАТУВАЊА

Во централниот дел на Италија се наоѓа регионот, кој многумина го сметаат за најубав во земјата, Тоскана.  Овој регион е еден од најголемите и најважни во Италија, поради своето културно-историско и уметничко наследство. Сместен во Централна Италија, на северозапад се граничи со Лигурија, на север со Емилија-Ромања, на исток со Марке и Умбрија, на југ со Лацио. Површината која го зафаќа овој регион на Апенинскиот Полуостров е 22.997 км2 а името произлегло од првите жители кои ја населувале таа зона. Освен Фиренца и Пиза, во Тоскана се наоѓа и Сиена.

Покрај прилично добро сочуваните градови, кои се особено интересни за туристите, овој регион е познат и по својата феноменална природа. Покрај тоа, дури 120 природни резервати што се под државна заштита, се наоѓаат во Тоскана.

Тоскана има пристап до Тиренското Море, а реката Арно е дефинитивно најпозната од овој прекрасен дел од Италија.

Ако се одлучите да го посетите било кој град од овој регион, ќе имате можност да ја запознаете убавината на ренесансната Италија. Ова особено важи ако ја изберете Фиренца. Градот познат по катедралата Санта Марија дел Фиоре, или Дуомо, но и по највеличествената камбанарија. Изградена во првата половина на 14 век, камбанаријата станала едно од многуте обележја на овој италијански град.

Катедралата во Фиренца

За атракцијата на Пиза сите слушнале. Кривата кула на овој град се наоѓа на плоштадот Дуомо.

Кулата е започната во 1173, а завршена дури во 1372 година, па поради тоа содржи градежни стилови и декорации од различни периоди. Висока е 56,7 метри од повисоката страна, и 55,86 метри од пониската. Sидовите се дебели 4,09 метри во основата и 2,48 метри на врвот. Во основата, надворешниот пречник на Кулата е 15,48 м, а внатрешниот 7,37 м. Вкупната маса на кулата се проценува на 14.500 тони. Кулата има 296 или 294 скали, бидејќи на седмиот кат има две скали помалку на едната страна.

На врвот се сместени седум ѕвона според тоновите од музичката скала, од кои најтешкото тежи 3.620 кг.

Во 1987, Кулата, како дел од Плоштадот на катедралата во Пиза, заедно со соседната катедрала, гробишта и крстилница, е прогласена за светско наследство на УНЕСКО.

Постојат бројни цркви и музеи во Пиза, а тоа што градот не е многу голем, само ќе ви олесни преку прошетка да посетите многу од неговите знаменитости.