Објавен е јавен повик за „Купи куќа, купи стан“

ПОЗИТИВНО FEATURED 2

Граѓаните годинава ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата, преку проектот „Купи куќа, купи стан“ на Министерството за финансии. Објавен е јавен повик согласно кој ќе можат да поднесат барање заклучно 31 декември годинава за државна субвенција на учеството или месечната рата за купување на стан или на куќа, соопшти денеска Министерството за финансии.

Минатата година преку проектот се одобрени 278 барања за субвенциониран станбен кредит, од коишто 259 се за купување нов стан, а 19 за изградба на куќа.

Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.

Граѓаните можат да аплицираат за шест различни модели кои нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање на месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување на стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види на прирачникот објавен на веб-страната на Министерството за финансии.

Од Министерството за финансии велат дека каматната стапка за станбениот кредит преку проектот е исто така исклучително поволна. За моделите каде се субвенционира ратата за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за четвртата и петатта година 3,9 проценти. Кај моделите каде се субвенционира учеството, каматата изнесува четири проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен еурибор.

Дополнителна поволност која ја дава проектот за корисниците е дека за секое новородено или посвоено дете, ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти.

За проектот може да аплицираат лица кои се или не се во брак, a кои ги исполнуваат следните услови: не смеат да имаат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи не смеат да надминуваат 900 евра доколку не се во брак или 1.300 евра доколку се во брак, продажната цена на станбениот објект мора да биде до 900 евра за метар квадратен и станот и куќата кои се купуваат или градат мора да бидат новоградба, односно да се купат од инвеститор или изведувач. Исто така станбената површина не смее да надминува 150 метри квадратни.

Сите заинтересирани граѓани кои ги исполнуваат овие услови и се кредитноспособни согласно условите од банката можат да аплицираат во една од осумтте банки кои учествуваат во проектот: Тутунска банка, Стопанска банка-Скопје, Шпаркасе банка, Стопанска банка-Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка, Охридска банка и Прокредит банка.