Минатата недела, на 14 декември, трагично загина шпанско – турскиот бизнисмен Исак Андич, основачот на модниот бренд „Манго“. Локалната полиција информираше дека Андич паднал од висина, повеќе од 97 метри во областа на пештерите Колбато во Салнитре, популарна туристичка дестинација во близина на Барселона. Со него биле и членови на неговото семејство, кои не можеле да му помогнат и веднаш повикале брза помош. Но, кога медицинскиот тим со помош на хеликоптер пристигнале за многу кратко време, била констатирана смрт.
Како најголем акционер на Манго, богатството на Андич е проценето од 4,5 милијарди американски долари според магазинот „Форбс“, што го прави најбогатиот човек во Каталонија и еден од најбогатите во Шпанија.
It is with deep regret that we announce the unexpected death of Isak Andic, our non-executive Chairman and founder of Mango, in an accident that occurred this Saturday.
— MANGO (@Mango) December 14, 2024
Isak has been an example for all of us. He dedicated his life to Mango, leaving an indelible mark thanks to his… pic.twitter.com/lWoayEcXEh
Роден на 1 октомври 1953 година во турско сефардско еврејско семејство, во 1969 година на 15 годишна возраст со неговите емигрирале во Шпанија, каде заедно со неговиот брат Нахман, започнале бизнис со облека. Во почетокот тие продавале облека „Произведено во Турција“ по улици, од автомобил, на тезги за да подоцна отворат и неколку продавници. За кратко основале и свој бренд „Исак џинс“. Бизнисот им одел многу добро па ги споиле своите активности под едно име, „Манго“. Името на брендот Исак го одбрал според овошјето што го пробал за време на патувањето во Филипините.
Андич ја отворил својата прва продавница за облека во Барселона во 1984 година, компанијата станала интернационална во 1992 година, а 1000-та продавница ја отворил во 2007 година.
Компанијата денес има над 2.100 продавници во 110 земји. Нејзиниот меѓународен бизнис сочинува околу три четвртини од нејзиниот приход.
Смртта на Андич го погоди и шпанскиот премиер Педро Санчез кој веднаш се огласи на социјалните мрежи.
– Целата моја наклонетост и признание за вашата голема работа и деловна визија, која ја претвори оваа шпанска компанија во светски лидер во модата – објави Санчез на платформата „X“.