Најмалку 10 жртви однесе пожарот што избувна синоќа околу 21 часот во модуларната болница во Тетово. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари со седум возила.
Надлежните најавија детална истрага за утврдување на причините на пожарот, а на терен, како што соопшти вчера Јавното обвинителство, работат тројца обвинители од Тетово и двајца обвинители од Скопје.
– Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата, напиша на својот профил на Твитер, министерот за здравство Венко Филипче.
Во модуларната болница имало места за 35 пациенти, во моментот на трагедијата, во неа биле сместени вкупно 24 пациенти.
„Слободен печат“ објави дека меѓу настраданите немало медицински персонал.