Во Антакија во Хатај, место речиси срамнето со земја од разорните земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари, зграда стара 30 години останала неоштетена, додека поновите згради околу неа паднале како кули од карти.
Илјадници згради и куќи се уништени во оваа област, но оваа зграда не се ни „помрднала“, иако таа до неа се урнала до темел. Она што на многумина им падна во очи е тоа што ниту саксиите на терасите не паднале.
Наставникот Махмут Ајтак, поранешен сопственик на оваа зграда изградена од четворица браќа, вели дека и за него е изненадувачки што сите соседни згради се срамнети со земја, а неговата стои цела, но не е и неочекувано.
„Кога ја градевме оваа зграда, ставивме два слоја бетон во основата. Така, само на темелот потрошивме материјал како за два ката. Ставивме 60 столбови. Сакавме да биде стабилна и да може да издржи повеќе“, изјавил Махмут за „Milliyet“.
Изградбата на зградата започнала во 1983 година, била завршена во 1992 година.
„Се вселивме следната година. Објектот е стар 30 години и повеќе. Ковачот од кого тогаш го купивме железото ни рече: „Видете професоре, со оваа работа се занимавам 40 години. Никогаш не сум ставил толку железо, никогаш толку бетон. Дури и да има земјотрес од 9 степени, оваа зграда ќе издржи“, се сеќава Махмут.
Тој вели дека мајсторот уште тогаш му рекол дека, и да има земјотрес, Махмут и неговото семејство да не бегаат, бидејќи на зградата нема ниту ѕид да пукне.
Махмут е пресреќен што се спасени животите на семејствата кои живеат во десетте стана во неговата зграда.
„Бидејќи добро сме ја изградиле, им ги спасивме животите на тие луѓе. Зградата има 10 стана, таа до нас не постои. Ја изградија без да копаат, нема темел“, вели Махмут.
За жал, иако тој и неговите браќа ја изградиле можеби најбезбедната зграда во Турција, трагедијата од овој земјотрес не ги одминала.
„Сестра ми реши да купи луксузен стан и се пресели. Нејзината зграда се урна цела. И таа и нејзиниот сопруг не се веќе меѓу живите. Да останеше овде, ќе преживееше“, изјавил Махмут.
Тој рекол дека и неговиот брат си го продал станот во зградата поради финансиски причини. Новиот дом сега му е премногу оштетен и не е веќе за живеење. Махмут исто така се преселил пред 6 години во Истанбул. Го продал неговиот стан на пријател и му рекол да ѝ верува на зградата ако има земјотрес, да си седи спокојно и да не бега.