По подолго боледување почина фолк пејачот Васил Атанасов.
Атанасов почина во Германија, а веста за неговото заминување ја споделија неговите пријатели кои преку Фејсбук се простуваат од него.
Веста за смртта на Васил исто така ја потврди неговата сестра Ленка, која кажа дека откако тој веќе подолго време се борел со болестите, поради стресот што го доживеал откако син му се откажал од него, вчера паднал во кома, му откажале бубрезите и утрово во пет часот починал во болница во Германија.
– Нема да биде донесен во Македонија, ќе биде погребан тука. Нека почива во мир и нека го пречекаат ангелите, напиша сестра му и додаде дека тоа е затоа што немаат финасии за да го донесат тука.
Атанасов потекнува од струмичкото село Дабиле. По завршувањето на средното музичко училиште во Штип беше член на повеќе музички групи. Во меѓувреме работел и како наставник по музичко во повеќе училишта а неговите ученици го паметат како „распеаниот наставник“.
Во 1995 година заминува за Германија. Редовно настапувал на музичкиот фестивал за народна музика Фолк фест Валандово, а во 1993 година со песната „Кој не раздели“ добил втора награда од публиката. Песната беше прогласена за најслушана помеѓу два фестивали, а како автор на музиката стои токму тој. Текстот е на Орце Зафировски, а аранжманот на Томислав Таневски.
Васил зад себе има еден пропаднат брак, од кој има син, со кој поради нарушени семејни односи, биле разделени. Таа тага тешко ја поднесуваше и со години на сите фестивалски дружби често ја спомнуваше.
Атанасов беше познат како голем љубител на фолкот. Учествуваше на многу фестивали, отпеја повеќе фолк песни, а настапи и на прославата по повод 20 години независност на Македонија.