Договорното производство е најдоброто решение за земјоделците и откупувачите бидејќи на тој начин ќе има решен пласман и сигурна суровина.
Овој модел на производство не е нов, но стана актуелен кога се интензивираше соработката меѓу земјоделците производители на сончоглед и фабриката за масло „Благој Ѓорев“, со ново име сега „Кристал 1923“. Сериозноста на двете страни – земјоделците и откупувачот, заедно со поддршката од МЗШВ, доведе до резултати и три пати зголемено производство на домашен индустриски сончоглед.
-Лани откупивме 4 000 тони домашен сончоглед, но оваа година достигнавме 10 000 тони домашна суровина. Претходно склучивме договор со 230 земјоделски производители кои ни го продадоа својот род – ни изјавија од компанијата „Кристал 1923“ .
Годинава, ова договорно производство уште повеќе станува важно поради светската криза, најнапред од Ковид, а сега и од војната во Украина, најголемиот производител на сончоглед во светот. Се покажа дека домашното производство е најсигурно и токму затоа компанијата „Кристал 1923“ ќе продолжи и натаму да ги мотивира земјоделците да сеат сончоглед.
– Како и секоја година ќе склучуваме договори за откуп и следната 2023 година. Ние го инициравме враќањето на сончогледот на македонските ниви и нема дилема дека ќе ја продолжиме оваа мисија во интерес на сите – изјавија од „Кристал 1923“.
Извор: Агротим.мк