Новиот роман на писателот Владо Јаневски, „Кој го уби Едгар Алан По“, издание на издавачката куќа „Или-или”, ќе биде промовиран утревечер, на 10 јуни во 20 часот. Промоцијата ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, за романот ќе зборува Анета Тасова, а извадоци од романот ќе чита Емилија Тодорова.
Како што ќе напише рецензентката Тасова, станува збор за игра на роман за роман што фрла сенка врз смртта на еден од најпознатите американски писатели со жесток испреплетен судир „помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го викаат лудило, но всушност е само постојано бегање од животот и борба со смртта“.
„Во одреден момент и самиот писател во романот на Јаневски не може да знае дали пишува за тоа што го живее, или го живее тоа што го пишува. Нема граница, иако се чини дека постојано се обидува да ја најде, каде завршува реалното во неговиот живот, до каде има смисла, каде започнува илузијата, реалистичното, лудилото, бесмислата“, пишува Тасова.
Владо Јаневски е писател и сликар. Роден е во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Велмевци и во Битола каде што завршил гимназија, високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-или, Скопје), „Смртта не е крај“ (Арс Ламина, Скопје), „Мртвите знаат најдобро“ (Арс Ламина, Скопје – награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“ (Магор, Скопје), „Под друга капа“ (Магор, Скопје), „Made in Jabana“ (Слово, Скопје); поетската збирка: „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје); збирката наградувани раскази: „Нема враќање“ (Студентски Збор, Скопје). Филмско сценарио „Под друга капа“ (награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 г.) Автор е на следниве книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ (Стрип-Квадрат, Скопје), „Луѓето и змејовите“ (Арс Ламина, Скопје – наградена бајка).
Во моментот во весникот „Нова Македонија“ редовно се објавува неговиот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во рубриката „Колибри“. Се појавува и како ко-автор во книгите за деца: „Нови бајки од Македонија“ (Арс Ламина, Скопје), „Детелинки Белинки“ (Арс Ламина, Скопје) и други. Со проза и поезија е застапен во повеќе антологии и списанија за култура. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ 2024.