Ацо Караманов: Поет – динамит

ЛИТЕРАТУРА SLIDE

На денешен ден, 31 јануари е роден „поетот – динамит“ Ацо Караманов (1927-1944), кој живеел само 17 години. Караманов е роден во Радовиш, како најстаро дете во семејството на Васил и Софија. Кога имал само три месеци, неговото семејство го напуштило родното место поради службата на таткото и отишле прво во Белград, потоа и во други места низ Србија. Своите први стихови тој ги напишал уште во второ одделение, односно на 9-годишна возраст. Кога татко му добил служба во Скопје, се преселиле во Македонија.

Загинал на 7 октомври 1944 година во борбата против германските фашисти кај селото Смојмирово, беровско. Бил тешко ранет кога извршувал извидничка акција и потоа ѕверски избоден со бајонети од германските војници, на денот кога го испејал и последниот стих „Ние и кога умираме треба да пееме“.

По заслуга на Милан Ѓурчинов и Радивое Пешиќ, негови школски другари, денес се достапни делата:

  • „Црвена пролет“, издадена 1963, 1984 и 1989
  • „Прозни записи“, издадена 1981 година
  • „Сребрените соништа“ и
  • „Големата песна на Ацо Караманов“, издадена 2006 година.

Караманов покрај пишувањето исто така се занимавал и со цртање на карикатури.

ПОЕТ

Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.

Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
со пролет во душата
да пеам развиорен
со пушка в раце.

И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.

Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.

Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
цврст како челик…
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слободен и силен и за борби жеден
буен,
бестрашен,
со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба.

Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.

И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
среде јаросен дим,
под јаркото сонце
ќе пеам
среќен!

И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
а рацете – меч.