Еднаш го објавив овој пост, но сакам уште еднаш да Ве потсетам, како се празнува Водици во Вруток.
Во Вруток Водици, или Богојавление се празнува 4 дена, започнувајќи од 17. јануари, па заклучно со 20. јануари.
Селото е поделено на 4 маала, а со самото тоа има и 4 крста.
Првиот ден се сукаат врвките, и на тие собири, така да ги наречам, одат само жени. Откако ќе се иссука врвката, се оди на ручек кај стариот кум. Обично ручекот во денешно време е во кафана, порано бил во домашни услови.
Вечерта мажите од селото се собираат и се коцкаат во ајатот на црквата Св. Мина, цела вечер, се пие ракија, на полноќ иде попот, и утредента, рано наутро одат по куќите рисаат со крстот, кој нормално е заврзан со црвено-белата врвка, и закачен на босилек.
Прв оди стариот кум, тој е главен вториот ден. Секое маало си има нов кум, со тоа селото брои четворица. Во куќите ги пречекуваат домаќините со посно домашно лепче, погача, посно гравче без масло, туршија, ракија… Селаните кога одат од куќа во куќа ја пеат песната „Во Јордање”. А во дисаѕите кои ги носат, домаќините од куќата ставаат јаболка, пиперки, пченка, пари… за здравје на куќата. Се верува дека, ако замрзнат крстовите во котлињата вечерта во црквата, годината ќе биде плодна.
Утредента на 19-ти, кога секаде се празнува Водици, кај нас се оди во горната црква Св. Архангел Михаил, тогаш стариот кум го предава крстот на новиот кум, и новиот кум дели по едно гранче босилок со врвка, за секој куќа од маалото.
Значи во Вруток водици го славиме на Св. Јован, т.е на 20. јануари.
Преку ден новите кумови се облечени во селски алишта, и се чекаат на сред село, играат ора на музиката од тапаните. Потоа пешки тргаат за во горната црква. Внатре во црквата има церемонија за новите кумови, и палење на свеќи за здравје, од страна на сите кои доаѓаат на овој убав ден. Во дворот на црквата се играат ора, да се покажат новите кумови. Откако ќе се повеселат, тргаат надолу, близу Вардар и внатре влегуваат четворицата нови кумови, кои за здравје собираат јаболка и ги ставаат во дисаѕите, кои ги имаат околу вратот, и се потураат со вода од котлињата.
Сигурно сега се прашувате, зошто јаболка, а не крст? Има предание, дека пред многу години, крстот им загинал во Вардар, пошто реката била многу голема, т.е силна. Истиот тој крст не можеле да го најдат, и оттогаш попот наредил да се фрлаат јаболка за здравје и бериќет . Сликата која ја постирав, доловува дел од тој обичај. Откако ќе заврши сето ова, се оди на ручек кај новиот кум. Секое маало кај својот кум. Ручек во кафана, со музика и веселба, секако и на честитање на луѓе од едно маало, во друго, откако ќе се заврши кај кумот од своето маало.
Го сакам овој празник!
Ја сакам Македонија !
Поздрав од Гостивар
Позитивно.мк избор: Текстот е преземен од групата Патувања низ Македонија, а е објавен од Дора Мода.