НАСАД СО БАДЕМИ – Решен пласман и долгорочна заработка

ПАРИ

Бизнис моделот за подигнување на нов насад со бадем, го работиме со браќата Кристијан и Горан Балески од Прва органска задруга – Валандово. Нивното искуство, посветеност и визија е тоа што им треба на сите почетници во било кој бизнис.

Пристапот е ист како и за другите модели – ВОДИЧ ЗА ПОЧЕТНИЦИ во одгледување на бадем, со сите потребни информации од идеја, подготовка на почвата, набавка на садници, агротехнички мерки, заштита, технологија, механизација, берба, постбербени активности и пласман.

НАСАД СО БАДЕМИ

Во услови кога земјоделското производство се соочува со климатски ризици, нестабилни пазари и сè поголем недостиг на работна сила, бадемот сè почесто се разгледува како култура со долгорочен потенцијал. Сепак, успехот во ова производство не произлегува од самиот избор на културата, туку од начинот на кој се поставува насадот и од агрономската дисциплина со која се води производството.

Основата на секој успешен насад започнува уште пред самото садење. Најважни предуслови се квалитетната и сертифицирана садница, обезбедена вода и стабилен систем за наводнување, најчесто капка по капка, кој може да функционира континуирано во текот на сезоната, како и претходна анализа на микроклиматските услови и на почвата. Без овие фактори ризикот од неуспех значително се зголемува. Квалитетот на садницата ја определува генетската основа на насадот, додека водата и системот за наводнување се критични за стабилен раст, формирање на крошна и развој на плодот. Анализата на почвата и микроклимата пак овозможува правилно планирање на агротехничките мерки и избегнување на проблеми поврзани со исхраната на растенијата, дренажата и појавата на доцни пролетни мразеви.

Кога станува збор за густината на насадите, не постои универзален модел што може да се примени на сите производители. Системот на одгледување зависи од достапниот капитал, механизацијата, агротехничката стратегија и долгорочниот план за управување со насадот.

Кај бадемот густината може значително да варира и во зависност од системот на производство на еден хектар може да се засадат приближно од 333 до 1500 дрвја. Кај традиционалните насади растојанијата најчесто се движат од 6 на 6, 6 на 5, 5 на 5 или 5 на 4 метри, што овозможува поголем простор за развој на крошната и поедноставна работа со стандардна земјоделска механизација. Од друга страна, кај суперинтензивните системи растојанијата се помали, насадите се значително погусти, а управувањето со насадот е прилагодено за високо механизирано производство. Предноста на ваквите системи е што голем дел од работните операции можат да се механизираат, а во одредени технологии степенот на механизација може да достигне и до околу 98 проценти. Сепак, ваквиот пристап бара и значително поголеми почетни инвестиции и внимателно планирање на целата технологија на производство.

Како и кај секоја друга трајна овошна култура, така и кај бадемот потребно е време за правилно формирање на насадот. Во првите години најголемото внимание треба да се посвети на развојот на дрвото, формирањето на крошната, правилната резидба, прихраната и редовното наводнување. Само добро оформено дрво може подоцна да обезбеди стабилен и економски оправдан род. Поради тоа, првите години од производството треба да се гледаат како инвестиција во структурата на насадот, а не како период во кој се очекува значителна економска добивка.

Правилниот избор на локацијата има големо значење за стабилноста на производството. Бадемот бара сончеви и проветрени позиции, но во исто време е чувствителен на доцни пролетни мразеви. Затоа при изборот на парцела е важно да се анализираат локалните климатски услови, надморската височина и движењето на студениот воздух во теренот. Покрај климатските услови, неопходна е и детална агрохемиска анализа на почвата, која дава информации за pH вредноста, органската материја, механичкиот состав и состојбата со хранливите елементи. Ваквите анализи се основа за правилно планирање на прихраната и за долгорочно здравје на насадот.

Изборот на сортата е уште еден важен агрономски елемент. Поради појавата на доцни пролетни мразеви и поради потребата од сигурно опрашување, во последните години се избегнуваат одредени постари сорти како Ферење, Ферадуел, Тексас и Аи. Наместо нив, сè повеќе се користат нови селекции. Сортата Авијор често се користи како замена за Ферење бидејќи цвета во сличен период, додека сорти како Макако, Пента или Тардона се карактеризираат со значително подоцно цветање, што ги прави поотпорни на ризик од пролетни мразеви. Во практиката сортите најчесто се класифицираат како раноцветни, средноцветни и доцноцветни, а нивната комбинација во насадот се избира според локалните климатски услови и потребата од стабилно опрашување.

Покрај сортата, големо значење има и правилниот избор на подлогата. Подлогата се избира во зависност од типот на почвата, степенот на дренажа, влажноста на теренот и системот на одгледување. Во услови на потешки или недоволно дренирани почви се користат подлоги што подобро толерираат влага како што е подлогата Garnem, додека кај суперинтензивните насади се избираат подлоги што овозможуваат контролирана бујност и подобра прилагоденост на погустите системи на садење како што е подлогата Arda или Rootpac.

Од економски аспект, подигањето на насад со бадем бара сериозно почетно вложување. Инвестициите се поврзани со набавка на садници, подготовка на земјиштето, поставување на систем за наводнување, механизација, заштита и тековно одржување на насадот. Висината на вложувањата може значително да варира во зависност од густината на насадот, технологијата на производство и степенот на механизација. Кај суперинтензивните насади инвестициите се повисоки, но од друга страна тие имаат и значително поголем производствен потенцијал. Во ваквите системи механизацијата игра клучна улога, бидејќи голем дел од операциите како резидба, берба и обработка на насадот можат да се изведуваат машински.

Во нашето производство веќе функционира целосна линија за постбербена обработка на бадеми, како и специјализиран комбајн за берба. Целосната механизација на производството станува сè поважна, особено во услови кога пазарот на труд е ограничен, а работната сила сè потешко се обезбедува.

ЕКОНОМИЈА НА ПРОИЗВОДСТВОТО

Кога станува збор за економијата на производството, важно е да се направи реална проценка на вложувањата и потенцијалните приходи. Приносот во традиционалните насади постепено расте со возраста на дрвјата, додека кај суперинтензивните системи може да биде значително поголем благодарение на поголемиот број дрвја и оптимизираната технологија на производство. Во финансиската конструкција треба да се земат предвид и државните мерки за поддршка на земјоделството. Производителите имаат можност да користат директни субвенции за одржување на овошни насади, како и поддршка за зелена нафта и други мерки, при што висината на средствата е утврдена во годишната програма за поддршка на земјоделството.

Првиот чекор – формална регистрација во ЕРЗС

Секој кој сака формално да се занимава со овој агробизнис, потребно е да се регистрира во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС). Оваа регистрација овозможува користење субвенции преку Програмата за директни плаќања и ИПАРД програмата.

БЕРБА

Во процесот на берба и постбербена обработка значајна улога има механизацијата. За собирање на плодот најчесто се користат машини за тресење на дрвјата и системи за собирање на плодот, додека за отстранување на зелената лушпа и подготовка на бадемот за складирање потребна е соодветна линија за преработка. Доколку производителите немаат можност да ја изнајмат оваа опрема, тогаш се соочуваат со потреба од дополнителна инвестиција за набавка на сопствена механизација.

ЗАШТИТА ОД БОЛЕСТИ И ШТЕТНИЦИ

Од аспект на заштитата на насадите, бадемот е изложен на сериозни болести и штетници. Особено внимание треба да се посвети на болести како монилија, ксантомона и антрахноза, кои можат сериозно да влијаат на здравјето на дрвјата и на приносот. Меѓу штетниците, еден од најзначајните е бадемовата оса, Eurytoma amygdali, која се смета за круцијален економски штетник и доколку не се контролира навремено може да предизвика штета и до деведесет проценти од родот. Во последните години сè поголемо внимание привлекува и жилогризот,Capnodis tenebrionis, чија појава станува сè посериозна во бадемовите насади во регионот.

Покрај инсектите, во одредени региони сè посериозен проблем претставуваат и дивите свињи, чија популација од година во година се зголемува. Тие можат да предизвикаат значителни механички оштетувања во насадите, вклучително и кршење на млади дури и постари дрвја и оштетување на кореновиот систем, поради што заштитата на насадите со соодветна ограда и други превентивни мерки како ограда со струја станува неопходен дел од управувањето со бадемовите насади.

ПОДМЛАДУВАЊЕ НА ДРВЈАТА

По десетина години од подигањето на насадот, особено значајна агротехничка мерка е подмладувањето на дрвјата. Со постепено отстранување на постарите гранки и стимулирање на нов раст се одржува виталноста на насадот и се продолжува неговата продуктивност. Во последните години оваа техника добива нови пристапи благодарение на искуствата и експертизата донесени од шпански експерт кој во изминатите две години работи со производители во нашата држава и споделува современи технологии за управување со бадемови насади.

Бадемот може да биде стабилна и економски оправдана култура, но само ако се пристапи со сериозна подготовка, правилен избор на технологија и континуирано агрономско управување. Неговата предност е што плодот во коска може долго време да се складира без значително губење на квалитетот, што му дава поголема флексибилност на производителот во изборот на моментот за пласман. За оние што се подготвени да вложат знаење, организација и долгорочна визија, бадемот може да претставува стабилна основа за развој на современо овоштарско производство.

За сите што се заинтересирани за подетални информации, размена на искуства и практични совети поврзани со одгледувањето на бадем, креирана е и специјализирана Фејсбук заедница „Македонски Бадем“. Во оваа група производителите, агрономите и сите заинтересирани можат да се зачленат, да поставуваат прашања, да дискутираат за практични предизвици во производството и да ги следат најновите информации и искуства од терен. Приклучувањето е отворено за сите што сакаат да бидат дел од оваа заедница и да придонесат во развојот на производството на бадем во Македонија.

ПОЧНЕТЕ СО НАСАД ОД 1 ХЕКТАР

Од аспект на планирањето на насадот и економската оправданост, многу често се поставува прашањето со колкава површина и со каква инвестиција е најсоодветно да се започне. Во практиката не постои универзален одговор што би важел за сите производители, бидејќи одлуката зависи од повеќе фактори како што се расположливиот капитал, пристапот до вода, механизацијата, работната сила и пазарната стратегија. Сепак, како ориентир, во услови на класично производство, еден хектар често се зема како основна мерна единица за анализа и планирање на инвестицијата, додека за посериозен комерцијален пристап најчесто се размислува за поголеми површини кои овозможуваат економија на обем.

ВИСИНА НА ИНВЕСТИЦИЈАТА

Почетното вложување на еден хектар најчесто е поврзано со садници, подготовка на земјиште, систем за наводнување, потпорна конструкција, работна рака и тековна заштита. Кај насад со приближно 500 дрва, со просечна цена на садница од околу 4 до 7 евра (во зависност од квалитетот на садниците), инвестицијата за саден материјал се движи околу 3.000 евра. За основен систем „капка по капка“ потребни се дополнителни околу 650 евра, при што во зависност од условите може да се јави потреба од филтрација и пумпна станица, што ја зголемува инвестицијата.

Во првата година, кога се подига насадот, вкупните трошоци најчесто се движат во распон од приближно 4.750 до 6.200 евра по хектар. Во оваа сума се вклучени садење, копање дупки, колци, врзување, почетна заштита, прихрана, како и трошоци за вода, енергија и одржување. Во следните години трошоците се стабилизираат, при што во втората година се движат од околу 900 до 1.620 евра, во третата од 1.060 до 1.800 евра, во четвртата од 1.380 до 2.330 евра, а во петтата од 1.650 до 2.790 евра по хектар. Кумулативно, во првите пет години вложувањето се движи од приближно 10.000 до 15.000 евра, додека до десеттата година вкупните трошоци најчесто достигнуваат од 17.000 до 22.000 евра по хектар.

ВИСИНА НА РОД

Во однос на родот, важно е да се има реален пристап и да не се планира врз основа на максимални или идеални сценарија. Првиот позначаен принос најчесто се јавува во третата година од подигањето на насадот (приближно 300kg/400kg/ha во коска), но тој е релативно скромен и служи повеќе како показател за влегување во род отколку како економски значаен приход. Во четвртата (околу 600–800 kg/ha) и петтата година (околу 1.000–1.200 kg/ha) приносот постепено се зголемува, додека од петтата до седмата година насадот влегува во фаза на сериозна продукција (приближно 1.500–2500 kg/ha). Полниот производствен потенцијал најчесто се постигнува по седмата година (околу 3.000–3.500 kg/ha), кога насадот влегува во стабилен роден период.

Приносите во голема мера зависат од сортата, подлогата, микролокацијата, водниот режим и агротехничките мерки, па затоа можат значително да варираат од година во година. Особено влијание имаат доцните пролетни мразеви, кои кај бадемот претставуваат еден од најкритичните ризици. Токму поради тоа, во практиката се повеќе се користат доцноцветни и самооплодни сорти кои овозможуваат поголема стабилност на приносот.

ЦЕНА НА КИЛОГРАМ БАДЕМ

Ако се земе како ориентир цена на бадем во коска од околу 100 до 130 денари за килограм, и се користи конзервативен пристап со средни приноси во родниот период, може да се направи рамковна проценка на приходите. Во период од седум продуктивни години, вкупниот приход по хектар најчесто би се движел во распон од приближно 20.000 до 26.000 евра. На ова треба да се додадат и директните државни субвенции, кои во моментот изнесуваат околу 24.000 денари по хектар годишно, како и поддршката за зелена нафта, што во период од десет години може да обезбеди дополнителни околу 5.500 евра.

Сепак, ваквите пресметки треба да се сфатат како ориентир, а не како фиксна економска формула. Реалните резултати зависат од конкретната локација, изборот на технологија, организацијата на производството, пазарните услови и отсуството на болести. Поради тоа, за секој што планира да започне со производство на бадем, препорачливо е да се изработи индивидуален план и да се консултира со стручни лица. Како производители и практичари, стоиме на располагање за сите заинтересирани за подетални анализи, планирање на инвестиции и избор на соодветна технологија.

Садниците ги набавуваме од сертифицирани расадници од Турција и Шпанија, со кои од оваа година воспоставивме подлабока партнерска соработка со цел обезбедување на квалитетен и проверен посадочен материјал за домашниот пазар. Во понудата се вклучени современи сорти на бадем, калемени на различни подлоги како Garnem, GF-677, како и послабо бујни подлоги, во зависност од системот на одгледување и условите на теренот.

Покрај бадем, достапна е и поширока палета на овошни видови од нашите партнери, вклучувајќи маслинка, слива, праска, кајсија, круша, јапонско јаболко, цреша и други.

Како компанија стоиме на располагање за избор на соодветен саден материјал и стручна поддршка при подигање на насади, а сите заинтересирани може да не контактираат на 075 225 242.

ОРГАНСКО ПРОИЗВОДСТВО

Во делот на органското производство, веќе работиме на консолидирање и унифицирање на производството, при што побарувачката за органски бадем има континуитет. Поради тоа, пристапуваме кон договорен откуп, со цел обезбедување сигурен пласман за производителите и стабилно снабдување за пазарот. Откупот се реализира врз основа на договор, при што цената и условите зависат од квалитетот на производот, а паралелно обезбедуваме и техничка поддршка и трансфер на знаење за унапредување на производството.

Кај конвенционалниот бадем, нашите побарувања  во моментов е во помали количини и е насочено кон специфични пазари. Инаку конвенционалниот бадем на домашнот пазар најчесто вклучува директна продажба, зелени пазари и соработка со компании што работат со јаткасти производи.

Покрај откупот, со оглед на тоа што располагаме со целосна линија за постбербена обработка, нудиме и услуги како берба со специјализиран комбајн, лупење, кршење, сепарација, пакување и вакумирање, како и други активности поврзани со подготовка на финален производ, наменети за производителите кои одлучуваат самостојно да настапуваат на пазарот.

ДОГОВОРНО ПРОИЗВОДСТВО

Во рамки на нашето работење нудиме можност за договорно производство, кое подразбира јасно дефинирани услови за соработка, откуп и техничка поддршка. Овој модел овозможува поголема сигурност за производителите во однос на пласманот и цената, како и подобро планирање на производството.

Во однос на принципот на здружување, преку нашето досегашно искуство се потврдува дека организираниот пристап, а тоа е преку задруги или други форми на соработка и здружување, значително придонесува за поголема конкурентност, подобар пристап до пазарите и поефикасно користење на ресурсите. Токму затоа, ваквите модели ги сметаме за клучен елемент во развојот на одржливо и економски исплатливо производство.

ИЗВОР: Про.агротим.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *