Серијалот на АгротимПРО – Бизнис модели го продолжуваме со една необична и за нас нова култивирана печурка „Морел“ која е доста барана на европските и светките пазари по висока цена од 30 до 60 евра за килограм во свежа состојба и до 200 евра за сушена.
Најдобро за ова производство, за почетната инвестиција, искуството од минатата година како и за перспективата и можноста за Договорно производство, ќе ни каже Омер Омер Адили од Adili Farm DOOEL – село Радиовце, Тетово.

Како дојдовте на идеја да се занимавате со овој агробизнис?
Адили: Со овој агробизнис започнавме да се занимаваме од месец јули минатата година, најпрво со подготовка на теренот за изградба на пластениците. Идејата дојде преку истражување и барање на можност за инвестиција во земјоделска дејност која сè уште не е доволно развиена во нашата држава, а има голем економски и извозен потенцијал.
При истражување на интернет, наидов на видео за производство на печурката Морел во Косово. Таму веќе постоеја луѓе и компании кои работеле во оваа насока, па тоа ни даде мотив да се заинтересираме подлабоко. Потоа стапивме во контакт со партнери од Косово, а мојот татко оствари и директна средба со нив, за подобро да го разбере начинот на производство и можностите за соработка.

По таа средба, започнавме подетално да истражуваме дали нашите природни услови, како почвата, температурата, влажноста и климата, се соодветни за ова производство. По анализите и консултациите, дојдовме до заклучок дека вреди да се проба, бидејќи верувавме дека може да има позитивен резултат. Денес можеме да кажеме дека одлуката беше правилна, затоа што успеавме да реализираме успешно производство.

Што е најважно да се знае или превземе пред старт на инвестицијата?
Адили: Пред да се започне со ваква инвестиција, најважно е да не се влегува без претходно истражување, анализа и консултација. Морелот не е обична земјоделска култура. Оваа печурка бара специфични услови и внимателна контрола во текот на целиот процес.
Во нашиот случај, првиот чекор беше анализа на почвата. Земавме примероци од повеќе места на парцелата и ги испративме на анализа. Резултатите покажаа дека почвата е соодветна за развој на супстратот и мицелиумот на Морел.

Покрај анализата на почвата, читавме многу материјали, истражувавме искуства од други земји и се обидовме да разбереме како печурка која традиционално се собира во природа може да се произведува во организиран и контролирано-индустриски систем.
Исто така, имавме комуникација со луѓе кои веќе имаат искуство во ова производство. Тоа беше многу важно, затоа што теоријата е една страна, но практичното искуство е уште поважно.
По бербата, нашите печурки беа испратени на лабораториски анализи. Резултатите покажаа дека производот е природен и чист, без користење на пестициди и хемиски средства. Ова е многу важно, бидејќи Морелот се бара токму како квалитетен, природен и високо вреден производ.

Колку ве чинеше првичната инвестиција, комплет со изградба на пластениците? И колку пластеници се доволни за почеток?
Адили: Нашата почетна инвестиција во пластеници изнесуваше околу 100.000 евра. Во оваа сума влегуваат подготовка на теренот, изградба на 14 пластеници, систем за наводнување, потребна опрема, сензори за контрола на условите и дел од работната механизација.

Од вкупно 14 пластеници што ги изградивме, ефективната површина за поставување на супстратот е околу 3.500 до 4.000 квадратни метри. Капацитетот на нашите пластеници е до околу 16.000 вреќи супстрат.

Колку пластеници се доволни за почеток зависи од финансиската можност и од целта на инвеститорот. Ако некој сака само да проба и да го научи процесот, може да започне и со помал број пластеници. Но, ако целта е да се создаде сериозна и економски исплатлива дејност, тогаш потребна е поголема површина, бидејќи фиксните трошоци, работата, опремата и управувањето се поисплатливи кога производството е поголемо.

Според мене, за сериозен почеток треба да има барем неколку пластеници, но секогаш со јасен план, претходна анализа на почвата и консултација со лица кои имаат искуство.
Едно семејство од колку вакви пластеници може да егзистира?
Адили: Според мене, едно 4-члено семејство може да обезбеди егзистенција од ова производство, доколку инвестицијата и управувањето се направат правилно. Морелот не е обичен земјоделски производ со ниска цена. Тој е елитен производ, кој е многу баран на европските и светските пазари.

Според нашите пресметки, една вреќа супстрат може да даде до околу 0,3 килограми производ во добри услови. На еден квадратен метар може да се постават околу 4 вреќи супстрат, што значи дека теоретски може да се очекува до околу 1,2 килограми производ по квадратен метар, доколку условите се соодветни и процесот се води правилно.
Цената на Морелот многу варира, во зависност од пазарот, квалитетот, класата на производот и дали се продава свеж или сушен. Свежиот Морел може да постигне висока цена, додека сушениот Морел има уште поголема вредност, бидејќи при сушење губи многу тежина, но задржува висока пазарна вредност.


Затоа, точниот број на пластеници што му се потребни на едно семејство зависи од реалниот принос, продажната цена и трошоците на семејството. Но, во принцип, оваа култура има потенцијал да обезбеди добар приход ако се работи професионално.
Од каде го набавувате мицелиумот/супстратот и по која цена?
Адили: Супстратот го набавуваме од проверени партнери од Косово. Станува збор за подготвен супстрат, кој е инокулиран и подготвен за поставување во пластениците.

Цената на една вреќа супстрат за нас изнесува околу 1 евро. Покрај набавката на супстрат, имаме и соработка околу пласманот на производот, односно продажбата на печурката по бербата.
Овој дел е многу важен, бидејќи за еден нов производител не е доволно само да произведе. Уште од почеток треба да има јасна идеја каде ќе го продаде производот и со кого ќе соработува.
Кои се најважните агротехнички мерки? Какви услови за одгледување бара печурката и на што најмногу треба да се внимава?
Адили: Морелот бара многу специфични услови и постојано внимание. Главната цел е да се имитира природата што е можно повеќе, но во контролирани услови.

Во нашите пластеници поставивме систем за наводнување одозгора, со прскање во форма на дожд. Ова го направивме за да создадеме што поприродна средина за Морелот. Над пластениците поставивме и мрежа за засенчување до околу 80%, бидејќи Морелот, особено во првите фази на развој на мицелиумот, не бара силна светлина.

Во секој пластеник поставивме сензори за температура, влажност на почвата и влажност на воздухот. Овие сензори се неопходни, бидејќи без постојана контрола е многу тешко да се постигне успешен резултат.
Во фазата на колонизација на почвата, важни се следните услови:
- pH на почвата околу 7–8;
- влажност на почвата околу 60–65%;
- температура на воздухот под 20°C, идеално околу 14–15°C;
- релативна влажност на воздухот околу 90–95%;
- што помалку директна светлина;
- контрола на вентилацијата и CO2.
Во фазата на формирање на склероции, супстратот треба да влезе во одреден хранлив и климатски стрес. Во оваа фаза постепено се намалува водата, се намалува температурата и се контролира проветрувањето.

Потоа доаѓа фазата на стимулирање на плодоносењето, каде што Морелот бара таканаречен „ладен шок“. Пониските температури во одреден период помагаат да се поттикне формирањето на плодните тела. После тоа се врши повторно навлажнување на супстратот и постепено се зголемува вентилацијата и индиректната светлина.

Во фазата на плодоносење и берба, најсоодветни услови се температура од околу 10–16°C, влажност на воздухот околу 80–85% и индиректна светлина. Бербата се врши кога Морелот ќе достигне соодветна големина, најчесто околу 6–10 cm, во зависност од квалитетот и барањата на купувачот.

Најмногу треба да се внимава на температурата, влажноста и сушењето на почвата. Почвата не смее да се исуши во текот на процесот, бидејќи тоа може негативно да влијае врз развојот на печурката. Исто така, многу високите температури се сериозен проблем, бидејќи Морелот е култура која најдобро се развива во посвежи услови.
Процесот започнува во месец октомври или ноември, во зависност од температурите кога ќе се спуштат под 20 степени, и завршува во месец март или април, исто така сè додека температурите не се искачат над плус 20 степени

Колкави приноси има од еден пластеник?
Адили: Приносот зависи од големината на пластеникот, бројот на вреќи супстрат, климатските услови, управувањето со наводнувањето, квалитетот на супстратот и контролата на температурата.
Како општа пресметка, една вреќа супстрат може да даде до околу 0,3 килограми Морел. На еден квадратен метар се поставуваат околу 4 вреќи супстрат, што значи дека потенцијално може да се добие до околу 1,2 килограми по квадратен метар.
Сепак, треба да се нагласи дека ова се пресметки во добри услови. Во пракса, приносот може да се разликува од година во година и од пластеник до пластеник, бидејќи Морелот е чувствителна култура и бара точна контрола на условите.
Како е решен пласманот? Која е цената на оваа печурка и кој ја купува?
Адили: Пласманот за нас е обезбеден преку соработка со партнери од Косово, кои се занимаваат со откуп и продажба на производот. Ова е голема олеснителна околност за производителот, бидејќи една од најголемите предизвици во земјоделството е токму продажбата на производот.
Морелот е многу барана печурка на меѓународните пазари. Се користи во гастрономијата, во ресторани од висока класа, во прехранбената индустрија и како сушен производ со висока вредност.
Цената зависи од пазарот, квалитетот и начинот на продажба. Свежиот Морел може да се продава во различен ценовен ранг, најчесто од околу 30 до 60 евра за килограм, додека сушениот Морел може да достигне и до околу 200 евра за килограм, во зависност од квалитетот и пазарот.
Морелот најчесто се дели во класи, а цената се менува според класата на производот. Затоа е многу важно производителот да внимава не само на производството, туку и на бербата, селекцијата, чувањето, сушењето и пакувањето.

Што е потребно да се направи за поголем развој на ова производство во нашата држава?
Адили: За поголем развој на ова производство во Северна Македонија е потребна посериозна поддршка од институциите и од државните или меѓународните програми за рурален развој, иновации и модерно земјоделство.
Ова е нова култура за нашата држава и бара значителна инвестиција. Во нашиот случај, целата инвестиција ја реализиравме сами, вклучувајќи изградба на пластеници, системи за наводнување, опрема, сензори, трактор и приклучна механизација за обработка на почвата.

За развој на овој сектор потребни се:
- финансиска поддршка за изградба на модерни пластеници;
- субвенции за системи за наводнување, засенчување, ладење и климатска контрола;
- поддршка за лабораториски анализи на почвата и производот;
- професионални обуки за нови производители;
- помош за сертификација, стандарди и извоз;
- поддршка за изградба на капацитети за сушење, пакување и складирање;
- подобро поврзување со европските и меѓународните пазари.
Ако државата ја препознае оваа култура како можност за извоз и рурален развој, Морелот може да стане многу интересен производ за Северна Македонија. Тоа би отворило нови работни места, би активирало земјоделски површини и би им дало можност на младите земјоделци да се занимаваат со култура со висока додадена вредност.

Дали можете вие да организирате и договорно производство, односно на заинтересираните да им помогнете со едукација, искуства, а потоа печурката да ја продавате заеднички?
Адили: Да, отворени сме за соработка. Морелот не е производ со ограничена локална потрошувачка. Тој се бара во Европа, Америка и на многу други пазари. Дури и ако се произведува на поголеми површини во Северна Македонија, повторно е тешко да се задоволи побарувачката што постои на меѓународните пазари.
Ние како Adili Farm сме подготвени да го споделиме нашето искуство со заинтересираните, да помогнеме со практични совети, основна едукација за процесот и насоки како треба да се започне. Во иднина може да се разгледа и можноста за договорно производство, каде што заинтересираните производители би работеле според одреден модел, а производството потоа би се собирало и продавало организирано.
Ова би било многу корисно, бидејќи малите производители често имаат проблем со пласманот, додека здружувањето на производството создава поголеми количини, постандардизиран квалитет и подобри можности за извоз.
Заинтересираните можат да нè контактираат на телефонскиот број: +389 72 570 095.

Какви се вашите планови за иднина?
Адили: Нашите планови како Adili Farm се оваа дејност да ја развиеме на повисоко и попрофесионално ниво.
Сметаме дека Морелот има голем потенцијал, бидејќи е производ со висока вредност, има голема побарувачка на меѓународните пазари и може да биде добра можност за модерно земјоделство во Северна Македонија.

На крај, би сакал да истакнам дека ова производство има многу позитивни страни, но има и предизвици. Позитивно е тоа што Морелот има висока цена, голема побарувачка и потенцијал за извоз. Предизвик е тоа што бара почетна инвестиција, знаење, постојана контрола и големо внимание кон климатските услови. Без сериозна подготовка, ова не е култура што може лесно да се произведува успешно.
Сепак, со добро планирање, институционална поддршка и соработка меѓу производителите, сметам дека оваа култура може да има многу добра иднина во нашата држава.
Извор: Про.агротим.мк
