31 мај 2012 година.. Промоција на „Ветерот носи убаво време“ – антологија со која беше претставено дел од дотогашното творештво на 35 (тогаш млади) македонски поети и прозаисти, родени во периодот од 1980 до 1990 година. Се чини како да беше вчера кога со проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ја приредивме оваа антологија, но во меѓувреме, многу нешта се случија во нашата книжевна стварност.
Се објавија нови книги коишто заслужуваат внимание. Само во текот на таа, 2012 година и во годината потоа беше објавена и авторска дебитантска книга на голем дел од застапените автори, додека неколкумина веќе имаа објавена/и книга/и (особено оние коишто го имаа фатено и „возот“ на авторите родени во претходната декада). На книжевната сцена се појавија и други автори, коишто постанаа дел од тој „ветер“, дури некои запреа со поривот за објавување…
Голем дел од овие автори, некогаш нарекувани „млади фиданки“ (според наслов во дневниот печат по едно книжевно пладне одржано пред да се случи антологијата), веќе не се автори од коишто се очекува дека „ќе читаме во иднина“, туку се писатели чиишто книжевни остварувања доминантно ја одбележуваат нашата книжевна сегашност – преведувани и читани на голем број странски јазици, читани и од поширокиот читателски аудиториум и од критиката кај нас, вреднувани и наградени со референтни книжевни награди, двигатели на настани…. Книжевни остварувања со кои македонскиот автор се врати во излозите на дел од книжарниците на домашните издавачи и е меѓу најчитаните во македонските библиотеки.
Преку новите поетики (но и веќе не така нови), Јас се врати кај субјектот во книжевното дело, реалноста се врати во книжевниот текст. По дискусиите за стравувања од гетоизација на / во книжевноста, се случуваа и се случуваат обиди севкупниот книжевен живот да добие нови димензии, нова динамика… иако не секој од обидите има извесен исход или видлив резултат.
Сето ова заслужува и натамошна критичка рецепција… и упатува кон потреба од одговор на прашањето дали (веќе) ни е потребен и нов „ветер“.
Ни се случи и навестување на нов реализам, обид за експериментален модернизам во постпостмодернизам, но пред сѐ доминантен остана книжевниот индивидуализам. Со творештвото на дел од авторите застапени во „Ветерот носи убаво време“ и на неколкумина коишто подоцна дебитираа и станаа дел од тој „ветер“, ни се случи/случува период којшто не може и не треба така лесно и едноставно да се дефинира како стилска формација, во отсуство на целосна или доминантна поетичка обгрнатост… Но неспорно е нова развојна етапа на современата македонска книжевност!
Споделувам дел од фотоархивата од промоцијата на „Ветерот носи убаво време“. За да нè потсети и да сведочи за една убава мајска вечер, кога пристигнувањето (со автобус) и учеството на промоцијата, за дел од овие автори беше почетна, додека за друг дел попатна „станица“, ама за нашата книжевност, согледано една деценија потоа, сепак, имаше значење и (најверојатно) најави „ново време“ донесено од „ветерот“…
П.С. Но и за да (нè) потсети и да посведочи дека веќе не сме (толку) млади автори
–Фејсбук статус на Иван Антоновски, еден од приредувачите на антологијата „Ветерот нови убаво време“