За сето она што Весна Мојсова-Чепишевска го има остварено во македонистиката, особено во книжевната наука и културологијата, како и за сета нејзина неколкудецениска, катадневна посветеност воопшто на нашиот бит и нашиот културен код преку сите сфери на научно и културно дејствување во кои е присутна (и) книжевноста, заслужува признание со кое на највисоко ниво ќе се валоризира нејзиниот влог за нашата македонска култура – за приказната на нашата нација и држава, сочувувањето и афирмирањето на нејзината автентичност и посебност, овде и во светот. Затоа што тој влог е реткост, ама е вграден во темелите и на нашето Денес, и на нашето Утре. Оти нема приказна/идентитет без култура, а следствено на тоа нема и без чувар, вреднувач и афирматор на културните вредности.
Ама од срце му се радувам на ова градско признание за нејзината најнова книга и за нејзините континуирани остварувања во културата. Му се радувам, оти знам колку нејзе ѝ значи, оти знам колку безмерно го сака Скопје. Затоа што не сум сретнал друга личност од нашата академска заедница која знае толку безусловно да го сака нашиот град. Дотолку што и среде магли и загаден воздух, во него да умее да го најде убавото и да го покаже на другите, на светот… Некоја личност што толку се посветува на секоја можност преку настан, манифестација за книжевноста да се вгради во секојдневјето на нашето Скопје и тоа да го прави со радост, без помисла на премор.. Затоа што нема друга личност од нашата академска средина која во себе носи толку интересни скопски приказни што се дел од нашата приказна, а која сè уште има толку енергија и жар да ги раскажува, со тоа пренесувајќи ја љубовта за Скопје на другите околу себе.
И не, не се ова флоскули – ова е само искрен исказ на она што го чувствувам и мислам, оти уште од првото предавање што го слушав кај неа (уште тогаш меѓу нас, тогашните студенти препознатлива како урбан професор), пред 12 години, седнат во првата клупа, сфатив колку го сака Скопје. Оти сфатив дека ја користи и најмалата можност да зборува за Скопје (како на една моја презентација на 12 ноември 2010, за „Малиот принц“, кога по презентацијата, спонтано, потсетувајќи дека ни претстои празникот 13 Ноември, споменувајќи си за него и за нашиот град, во мене створи уште една нова планета, различна на оние на Егзипери – планета Скопје, поубава од сите други што ги имаше и во книгата и воопшто во сончевиот систем). Впрочем, и едно од првите поглавја за приказната за нашата соработка е поврзано со нашата взаемна приврзаност за Скопје, по еден разговор по завршувањето на втората година од моите студии, токму со контекст „13 Ноември“… И оттогаш наваму, речиси и немало разговор во кој нема некаква скопска приказна. Или можеби легенда… И кога сме овде во Скопје, и кога сме биле некаде надвор, а секогаш сме си тргале назад со нејзината реченица: „треба да си одиме дома“. А што е за неа „дома“? Скопје!
Хенинг Манкел има кажано „Може да имате повеќе од еден дом. Можете да си ги понесете корените со себе, и да решите каде ќе растат.“. И таа можела да има повеќе од еден дом. Ама избра да има само еден – Скопје, Македонија. Тука ги посади своите корења. А раскошноста на нејзиниот опус ги разграни по светот, како гранки со мирис на липа… скопска липа!
Знам дека нејзе, „13 Ноември“ можеби ѝ значи и повеќе од сите други досегашни признанија, затоа што знам дека е нераскинливо поврзана за Скопје… За скопското радио, за МКЦ, за „Вардар“, за скопскиот центар и скопскиот кеј, за маалскиот живот, за локали во Старата скопска чаршија, за чај со мирис на соживот, за новите урбани средишта.. И за она Скопје што го нема, и за ова Скопје што го има, и за она Скопје што само таа знае колку е големо и го носи во срцето како безвременска категорија – за она Скопје што само таму го има.
А знам од нејзините кажувања за Скопје… и затоа што можноста да испие кафе на сонце, со поглед кон Вардар или Водно ѝ значи повеќе од некои елитни задушни простори кои за неа не се синоним за она Скопје што го сака. Но, во исто време се надевам и сакам да верувам оти со ова признание на Градот Скопје, само отпочнува валоризацијата на нејзиниот влог за нашата култура, која како општество и културна средина сме должни да ја оствариме, како и за други наши современици. Затоа што не само нејзината љубов и посветеност, туку и нејзиниот влог не е само за Скопје, туку е и за Македонија.
Драго ми е што со нејзината најнова книга како и со она што го оствари во изминатиот период се случи и оваа скопска приказна и горд сум што сум некаков дел од неа, вклучително и преку промоцијата на книгата во салонот „19:19“ во јуни 2022 година, неслучајно во Културно информативниот центар – Скопје, оти како и за секоја друга нејзина книга, првата промоција требаше да е во нејзиното Скопје. Ама подвигот на Весна Мојсова-Чепишевска е пред сè македонска приказна и по доделувањето на ова градско признание, тоа не треба да го заборавиме… Оти имаме уште многу што и како да вреднуваме од нејзиниот досегашен опус, за да можеме да кажеме дека вистински сме го валоризирале.
Искрени честитки, драга професорке!Фан клуб на Весна Мојсова-Чепишевска
П.С. Ама досега создаденото и оствареното е и обврска за нас кои произлегуваме од нејзината школа…
-<a href="http://<iframe src="https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fivan.antonovski.14%2Fposts%2F1383015512107005&show_text=true&width=500" width="500" height="725" style="border:none;overflow:hidden" scrolling="no" frameborder="0" allowfullscreen="true" allow="autoplay; clipboard-write; encrypted-media; picture-in-picture; web-share">Фејсбук статус на Иван Антоновски