Maтеа Матевски: Ѕвона

ЛИТЕРАТУРА

На денешен ден во 1929. година во Истанбул е роден Матеја Матевски, македонски поет, литературен и театарски критичар, есеист и преведувач.

Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел во Македонската радиотелевизија како новинар, уредник на културните и литературните програми, како главен уредник и директор на Телевизија Скопје и генерален директор на Радиотелевизија Скопје. Исполнувал највисоки должности во книжевниот, културниот и општествениот живот на поранешната СРМ и на Република Македонија.

Матевски е член на МАНУ и бил нејзин претседател во периодот 2001-2004 година. Неговиот богат поетски опус е наградуван со врвни книжевни и државни награди во Македонија како и на повеќе значајни меѓународни признанија, а во 2100 година станува и носител на светското одликување „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, втор македонски добитник во историјата на СВП после Блаже Конески.

Автор е на непроценлива низа на преводи и препеви на најистакнати светски автори од шпанското јазично подрачје. Најпознати негови стихозбирки се „Дождови“, „Рамноденица“, „Круг“, „Перуника“, „Липа“, „Раѓање на трагедијата“, „Мртвица“, „Црна кула“ и други.

Ѕвона

Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.

Некаде ѕвони. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.

Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно.
Бегајте низ кавезот звучен
глуво и безнадежно.

Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сѐ е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.

Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.

Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.