Рацин: Има зошто душа да е

ЛИТЕРАТУРА FEATURED 1

На денешен ден во 1908 година во Велес е роден македонскиот поет, книжевник и партизан Кочо Рацин (Koста Апостолов Солев Рацин). Тој е најпознат по својата поезија и се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.

Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен на Лопушник, на 13 јуни 1943 година.

Посмртните останки на поетот денес се наоѓаат во Спомен-костурницата во Велес, каде се наоѓаат и посмртните останки од неговите загинати соборци и другари.

Татунчо

Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!

Ако куќа не направив
со високи шишмир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока.

Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба –
не ме колни, не ме жали:
во борбата другарката
слнце сјае, слнце трепти!

Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав –
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани…”

И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат –
блазе, речи на душата –
има зошто душа да е!