(ФОТО) Промовиран „Кој го уби Едгар Алан По“ на Владо Јаневски, психолошки роман со магична реалистичност

ЛИТЕРАТУРА SLIDE

Новиот роман на писателот Владо Јаневски, „Кој го уби Едгар Алан По“ беше промовиран во кафе-книжарницата „Буква“ и веќе може да се најде во книжарницата „Или – Или“ . За романот зборуваше писателката Анета Тасова, а извадоци од романот читаше поетесата Емилија Тодорова. Авторот Јаневски пред публиката го претстави издавачот Ненад Стевовиќ.

Се работи за роман лавиринт во кој се испреплетени минатото и сегашноста во мистериозна атмосфера како излезена од досега необјавен ракопис на Кафка. Главниот јунак, писателот Феликс Рејнолдс барајќи го својот изгубен брат открива делови од неговиот трауматичен и необичен живот. Феликс чувствува потреба да сподели дел од она што го измачува и бара помош од психијатарот Груми Блум. Нивните разговори се одвиваат во замок кој доминира над градот каде што живее Феликс и се чини дека со замокот и со нивната земја владеат мистериозни луѓе во црно, познати како „кафкависти“.

„Романот фрла сенка врз смртта на еден од најпознатите американски писатели, преку жесток испреплетен судир помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го викаат лудило, но всушност е само постојано бегање од животот и борба со смртта“, истакна на промоцијата рецензентката Тасова.

Писателот Јаневски на промоцијата доби и неколку прашања поврзани со неговиот роман.

-Кој е Феликс?! Како го креираше неговиот лик? Сите писатели ли имаат такви „два печати“?

Во романот „Кој го уби Едгар Алан По“ главниот лик е Феликс, Феликс Рејнолдс, тој и самиот е писател. Кога станува збор за печатите, на едно место во романот се вели дека судбината на сите ни удира „таков е животот“ печат. Печатот повеќето не го ни забележуваат, толку се зафатени со нивното секојдневие. Феликс еден ден се запрашува ˗ кој сум? Тогаш судбината, покрај постоечкиот, му удира и „ти си едно големо дете” печат. Тој втор печат на челото го носат оние, не само писатели, што сѐ уште си поставуваат прашања за работи за кои другите луѓе веќе не ни размислуваат или се плашат да се соочат со нив. Што се однесува до креирањето на ликот на Феликс Рејнолдс, појдов од тоа што „Рејнолдс“ бил последниот збор на Едгар и, на некој начин, така се раѓа токму Феликс Рејнолдс. Никој не знаел што сакал да каже Едгар со неговото „Рејнолдс“ пред засекогаш да ги затвори очите: дали Рејнолдс бил некој што го убил Едгар или можеби тој пред смртта можел да ѕирне во иднината и да го види оној што многу подоцна ќе напише роман за него? Во романот е второто, но понатаму токму тој роман на Феликс Рејнолдс е причината, после речиси два века од неговата смрт, повторно да оживее потрагата по мистериозниот убиец.

Дејството во романот не се се случува во Македонија, но сепак ликот има македонски корени. Зошто? Значи ли тоа дека и тука има „кафкависти“, бидејќи тие го следат уште од мал?

Се стекнува впечаток дека дејствието се случува во некое место во централниот дел на Европа. Меѓутоа, во еден дел од романот Феликс открива, од кажувањата на неговиот дедо, а тој според кажувањата на неговиот пра-дедо и оној пра-дедо пред него и така редум со векови, дека тие потекнуваат од она што било Македонија во времето на цар Самоил, кога негов пра-предок бил еден од првите што си заминал, поточно побегнал, од тогашната Македонија. Тој бил еден од заробените војници кои не чекале да бидат ослепени, туку решиле да побегнат, за разлика од другите војници кои расудувале на начинот на кој се расудувало тогаш, и многу векови подоцна во Македонија: „може да биде и полошо“ или „наведната глава сабја не ја сече“. За жал, тоа е расудување што и сега  понекогаш доминира – оние што денес се останати во Македонија се разбира не се во истата ситуација како погоре споменатите поробени војници, но наместо да се обидат самите да се изборат за подобар живот, сѐ уште си велат „може да биде и полошо“ и само мал дел решаваат да се борат за својот опстанок или преземаат подрастичен чекор и заминуваат надвор од Македонија, како предокот на Феликс. Инаку, самите „кафкависти“ се присутни насекаде во светов, можеби во некои мали нијанси се разликуваат од земја до земја, но во принцип се исти. Во романот тие доминираат во сите пори на општеството во коешто живее Феликс и воспоставуваат целосна контрола, се чини дека се способни да ги контролираат и минатото и иднината.

Зошто токму Едгар Алан По?

Одговорот на ова прашање донекаде се крие во одговорот на првото прашање. А насловот на прв поглед може да сугерира дека се работи за детективски роман, патем и самиот Едгар се смета за татко на детективските романи, но во случајов се работи за психолошки роман сместен во една магична реалност, којашто неретко се превртува наопаку, особено за главниот јунак кој, за да може да функционира во една таква превртена реалност, мора да носи специјални очила за да го гледа светот нормално. Читателот во романот ќе дознае повеќе за тајната на тие очила, за дел од оставнината на Кафка, за сличноста меѓу овие двајца великани на книжевноста и за нивната присутност, најпрвин во главата на дедото на Феликс и подоцна во животот, во романот и во ликовните дела на Феликс. Една од главните нишки во романот е и обидот да се види што ќе се случи по речиси два века од смртта на Едгар ако некој реши да го најде неговиот убиец и колку тој да е мистериозен, па дури и ако таквиот не постои. Со помош и на ситуации како излезени од некој роман на Кафка, сакав да покажам колку може да биде силна и заслепена машинеријата на еден тоталитарен систем, во случајов поттикнат од едно мало тркалце кое допринесува да започне навидум бизарен процес и сето тоа да заврши со нечија осуда. Но зарем навистина може да има виновник, по толку голема временска дистанца од времето кога Едгар мистериозно завршува? Веројатно сѐ е можно кога се работи за општество во кое луѓето повеќе сакаат сензации по секоја цена, кога се просто жедни и гладни за нив.

Владо Јаневски е писател и сликар. Роден е во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Велмевци и во Битола каде што завршил гимназија, високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-или, Скопје), „Смртта не е крај“ (Арс Ламина, Скопје), „Мртвите знаат најдобро“ (Арс Ламина, Скопје – награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“ (Магор, Скопје), „Под друга капа“ (Магор, Скопје), „Made in Jabana“ (Слово, Скопје); поетската збирка: „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје); збирката наградувани раскази: „Нема враќање“ (Студентски Збор, Скопје). Филмско сценарио „Под друга капа“ (награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 г.) Автор е на следниве книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ (Стрип-Квадрат, Скопје), „Луѓето и змејовите“ (Арс Ламина, Скопје – наградена бајка).

Во моментот во весникот „Нова Македонија“ редовно се објавува неговиот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во рубриката „Колибри“. Се појавува и како ко-автор во книгите за деца: „Нови бајки од Македонија“ (Арс Ламина, Скопје), „Детелинки Белинки“ (Арс Ламина, Скопје) и други. Со проза и поезија е застапен во повеќе антологии и списанија за култура. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ 2024.