Интересни фотографии од турски музеј: Со што си играа децата некогаш

ПОЗИТИВНО SLIDE

Музејот на детски играчки во Анкара е првиот турски музеј од ваков вид и место каде децата можат да се запознаат со играчките со кои нивните родители се забавувале, но во исто време е можност и родителите да се потсетат на своето детство.

Музејот се наоѓа во кампусот на Универзитетот во Анкара и од неговото основање во 1990 година е дом на илјадници играчки произведени во Турција и во странство. Проектот е на проф. д-р. Бекир Онур, автор на бројни студии од областа на детскиот развој, како и истражувања за игри и играчки во Турција. Тој е направен по примерот на музеите на играчки кои Онур ги посетил во странство. Со текот на времето, и благодарение на придонесот на граѓаните, бројот на играчки во музејот достигнал 4.000.

Музејот, кој денес вклучува и традиционални турски играчки, како и бројни играчки од германско производство, кои датираат од 1840 година, се обидува да ги зачува и оживее играта и културата на играчките со тоа што посетителите ќе имаат можност да „патуваат“ низ изложбата од 1.200 предмети.

Содржи околу 500 традиционални играчки кои го откриваат богатството на анадолската култура, а се направени од различни видови материјали. На посетителите на музејот им се презентираат информации за тоа кој ја направил играчката, која година и од кој материјал.