(Интервју) Билјана Василевска, овластен проценувач од областа на земјоделството: Новиот систем на осигурување, предвидува процената и исплатата на штетите да ги вршат субјекти кои за тоа се точно определени и стручни во својот дел од работењето

ИНФОРМАЦИИ FEATURED 1

Земјоделското осигурување во нашата земја станува задолжително со закон, кој треба да стапи на сила во 2024 година. Новиот концепт на земјоделско осигурување предвидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. Крајна цел на овој проект е сите засегнати страни да бидат задоволни, односно за определен период земјоделското осигурување да стане самоодржливо, со потенцијал за раст и развој и на тој начин да бидат задоволни и земјоделците како корисници, и осигурителните компании како даватели на услугите и државата како поддржувач.

Агротим разговараше со Билјана Василевска, овластен проценувач од областа на земјоделството, транспортни средства и недвижности која ја појасни постапката за проценка на штетите во земјоделството, што се е потребно да се процени штетата во земјоделството и каде треба земјоделците да се обратат за да им се процени штетата.

Каква е постапката за проценка на штетите во земјоделството?
-Процената на висината на штетата во земјоделството ја утврдуваат Овластени проценувачи од областа на земјоделството кои поседуваат Лиценца за вршење на дејноста процена во земјоделството издадена од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ. За да се изврши процената на штетата, се врши увид во документацијата врз основ на која треба да се извршува проценката на штета во земјоделството и увид на лице место при што се утврдува видот и обемот на штетата, а потоа преку аналитички пристап се изготвува извештај за проценка на штета во кој се изразува висината на настанатата штета во монетарна форма. Посочувам дека неретко вработените во осигурителните компании кои имаат издадено полиси за осигурување на земјоделското производство при појава на штета врз средствата во земјоделството, сами ја изготвуваат проценката на штета без прецизирано правило да се користат овластени проценувачи за таа дејност или ангажираат земјоделски инженери или вешти лица од областа на земјоделството. При ваквото проценување се соочуваме со невоедначен пристап и големи различности во проценките. Ваквите појави доведуваат до потреба за системски пристап кон проблематиката со цел добивање на квалитетни резултати во смисла на извештаите за проценка на штета.

Од кога постои Методологија за процена на вредноста на средствата во земјоделството?
-Методологија за процена на вредноста на средствата во земјоделството постои од 2011 година и е објавена во Сл. весник број 171/11. Измени и дополнувања на Методологијата се објавени во Сл.весник 89/19, 84/23 и 89/23. Последна измена на Методологијата е од 2023 година. Со методологијата се предвидуваат начините, пристапите и методите за проценка на вредноста на средствата во земјоделството. Овластените проценувачи ќе имаат на располагање и прирачници за процена на штета од катастрофални и временски непогоди, во кои детално и прецизно се прикажани начините на пресметување на штета, се со цел добивање на правична проценка која ќе ја изразува вистинската вредност на настанатата штета врз средствата во земјоделството, како и унифицирање и воедначување на пристапот при проценувањето од страна на проценувачите.
Со примена на оваа методологија, се овозможува прецизно да се утврди предметот на проценка, точно да се определи пристапот при проценувањето и да се примени соодветна метода за добивање на вистинска вредност на проценета штета.

Какви податоци е потребно да се обезбедат за да се процени штетата?
-Влезни податоци потребни за проценката на штета во растителното производство се видот, сортата на земјоделските култури, староста на насадите, површината на која е настаната штета, типот и насоката на производство итн. Во сточарското производство влезни податоци се видот , расата и категоријата на животните, возраста, типот и насоката на производство итн. Со увидот на лице место проценувачот се стекнува со сознанија за фактичката состојба на предметот на процена и за степенот на настаната штета. Понатаму проценувачот преку анализи потребно е да обезбеди податоци значајни за проценката како што се очекувани приноси, очекувани приходи од производството, трошоци кои се вложуваат во земјоделското производство итн, се со цел да се примени соодветно методологијата и да се добие вистинската вредност на штета.

Дали директно вам може да ви се обратат земјоделците за проценка на штета или постапката оди преку осигурителните компании?
-Постапката оди преку осигурителната компанија, земјоделците се обраќаат до компанијата каде го имаат осигурано своето производство, па од таму осигурителните компании можат да ангажираат овластени проценувачи.

Дали земјоделците се задоволни од исплатата на штетите?
-Во досегашниот начин на исплата на штети, дел од земјоделците наоѓаа недостатоци при проценка на штетата, пред се заради недостигот на унифициран пристап во проценувањето и правилно утврдена фактичка состојба. Впрочем, самата моментална состојба колкав процент од земјоделските производители имаат осигурување на своето производство е приказ колку се задоволни. Недостатоците можат да се елиминираат преку воспоставување на систем во кој секоја дејност ќе биде извршувана од страна на компетентни, едуцирани, стручни и професионални субјекти, и секако овластени за вршење на својата дејност од надлежните институции. Во делот на проценка на штета тоа се овластени проценувачи како стручни лица во утврдување на видот, обемот и висината на штетата, кои пак во својата работа задолжително применуваат законски усвоена методологија за процена.

Што мислите за новиот систем за земјоделско осигурување кој го предлага владата?
-Со новиот систем за земјоделско осигурување земјоделците го обезбедуваат своето производство и добиваат сигурен приход, без разлика на појавата на штета. Земјоделското производство, особено растителното производство на отворено е силно изложено на неповолни надворешни природни влијанија кои можат значително да го намалат очекуваниот принос и приход на земјоделците и да ја намалат рентабилноста на производството. Речиси да нема производна година без појава на некаков вид на штета, а климатските промени од година во година ги засилуваат ризиците. Со осигурувањето особено во форма кога е субвенционирано од државата сметам дека земјоделците со мал влог добиваат сигурност на производството и приходите и можност за подолгорочни инвестициски планови без поголеми ризици. Новиот систем во којшто чинители се државата, осигурителните компании, овластените проценувачи и земјоделците предвидува осигурувањето, процената на штетите и исплатата на штетите да ги вршат субјекти кои за тоа се точно определени и стручни во својот дел од работењето и само на тој начин може да се постигне функционалност и успешност. Заради тоа сметам дека најголем бенефит од ова системско решение ќе имаат земјоделските производители, ќе биде на општо задоволство на земјоделците, ќе биде добро прифатен и дека ќе создаде долгогодишна позитивна пракса кај земјоделските производители.

Дали со новото системско решение ќе се зголеми обемот на работа на проценувачите?
-Секако дека ќе се зголеми. Досега, проценките на осигураните средства во земјоделството најчесто ги вршеа вработените во осигурителните компании, а на неосигураните при појава на катастрофални појави ги вршеа комисии од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со вклучување на овластените проценувачи во овој процес овие проценки ќе ги вршат токму тие, кои всушност се овластени за таа дејност, а кое овластување го имаат добиено врз основ на соодветно образование, поминуваат низ процеси на основни и дополнителни едукации и полагаат стручни испити за вршење на дејноста.

Извор: Aгротим.мк