Замокот Нојшванштајн (во превод: нова лебедова карпа) во Германија е една од најпосетуваните туристички атракции во Европа, а годишно го посетуваат околу 1,3 милиони луѓе. Тој бил инспирација за логото на Волт Дизни и замокот од цртаниот филм Заспаната убавица.
Нојшванштајн е речиси три часа возење од Минхен. Отворен е во 1886 година, а изградбата ја платил Лудвиг II, кралот на Баварија, познат по тоа што сакал луксуз и екстраваганција.
Иако го платил со свои пари, жителите на Баварија му замериле што се занимавал со неважни работи, а не им помагал.
Изгледот на замокот може да се смета за типична за архитектурата од 19 век. Полукружни сводови, тенки кули и раскошен декор се елементите што му даваат посебен шарм на Нојшванштајн.
Замокот е опремен е со најновата технологија од тоа време. Се користело електрично ѕвоно за повик, има парно и лифт, а германската влада потрошила многу милиони за негово реновирање и прилагодување за туристчка дестинација.
На јавноста не ѝ е дозволено да ја фотографира внатрешноста на замокот, но сепак тој е најфотографираниот објект во Германија.
Замокот е инспириран од оперите на Рихард Вагнер што прикажуваат љубов, покајание и спасение. Лудвиг II бил близок пријател на овој композитор и толку многу го ценел што еднаш рекол како го изградил Нојшванштајн во негова чест.
Започнал да се гради на 5 септември1869 година, по дизајн на Кристијан Јанк кој бил сценограф, а не архитект, што зборува за намерите на Лудвиг II и ја објаснува фантастичноста на неговиот проект. Архитектонските решенија, од големо значење за таков опасен терен, ги дал прво минхенскиот дворски архитект Едуард Ридел, а подоцна и Георг Долман, зет на архитектот Лео фон Кленце.
Нојшванштајн бил речиси завршен, кога во 1886, Државната комисија на чело со Д-р. Бернхард фон Гуден го прогласила кралот за луд и веднаш го уапсила. Кралот не можел да се совземе и го прашал фон Гуден, „Како можете да ме прогласите за луд? Не ме ни прегледавте!“ Потоа кралот бил однесен во замокот Берг, но на 13 јуни, 1886 го нашле удавен во плитка вода во блиското езеро Штарнберг, заедно со фон Гуден, психијатарот кој го ставил под надзор.
До денес не се знае како и зошто кралот и докторот завршиле мртви. Се претпоставува дека за симнувањето на Лудвиг од престолот е одговорно семејството Вителсбах кое повеќе не можело да ја толерира екстравагантноста на Лудвиг за која се расфрлал со приватни пари на династијата.