Да се биде Владо Јаневски: Најголем предизвик ми бил и сè уште е – да не си го заборавам мајчиниот јазик

ПРИКАЗНИ SLIDE

Владо Јаневски е македонско-австралиски писател, сликар, илустратор, стрип уметник, до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Роден е во Прострање, Македонија. Најубавите денови од детсвото ги поминал во Велмевци и Битола. Гимназија завршил во Битола, а високо образование стекнал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде живее до 1989 кога заминува за Австралија. Отогаш живее во Сиднеј и често патува по светот. Досега престојувал во преку шеесетина земји. Jaневски ги објавил романите: „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Либрис“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004). Тој е автор и на збирката раскази „Нема враќање“ ( со наградан„Студентски збор“, Скопје, 1985), а минатата година ја доби и наградата „Пегаз“ за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“., а застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008) и „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007 и 2021). Изложувал во Сиднеј и на интернет.

Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувувал карикатури во познатиот Австралиски Њусвик Булетин. Неговиот дневен стрипAs Long As We Try” редовно се објавува на Фејсбук и го следат над 2700 читатели. Од средината на март оваа година почна да работи на својот најнов стрип „Палавковците“, што се објавува дневно на истоимената страница на Фејсбук и брзо си ја наоѓа својата публика.

Што сакаше да биде Владо во животот? Како започна да пишува и да твори. Креативноста се должи на што?

Во животот ништо не ми било сервирано на послужавник, ниту нешто сум наследил од моите родители, освен упорноста да се истрае. Потекнувам од работничко семејство. Родителите се обидувале да ми ги задоволат основните егзистенцијалните потреби и образование, другото зависело од тоа колку брзо ќе се осознаам себеси и самиот откријам кој сум и за што ме бидува. Со уметноста, како и со многу други нешта во животот, почнав да се запознавам на своја рака – како знаев и умеев. Најчесто учев од своите грешки. Посериозно почнав да се занимавам со пишување и сликање кога заминав на студии. Една од првите работи на кои налетав во Скопје беше ликовниот клуб „Ко-Ра“ каде со помош на уметникот Ѓоко Матевски навлегов во тајните на сликарството. Учествував и на конкурсот за расказ во тогашниот весник „Студентски збор“ каде испратив неколку свои раскази (секогаш под шифра) и се израдував кога ги добив првата и третата награда и уште некои откупни. Следните години уште неколкупати ги добивав главните награди. Уредникот на весникот не можеше да поверува кога пред себе виде еден бруцош од Технолошки факултет штотуку дојден од внатрешноста, кој се претстави како автор на сите тие наградени раскази. Ми беше особено драга честитката од Гане Торовски, еден од членовите на жирото. Подоцна уредникот ми предложи наградените расказите да ги објават во збирка за која добив и пристоен хонорар кој ми се најде да се подзакрпам во студентските денови бидејќи во Скопје, дојден од внатрешноста, живеев оскудно, од денес за утре. Ми помогна и еден подолг инспиративен разговор со Петре М. Андреевски. Бев пријатно изненаден од неговата непосредност и разбирање за моите почетоци во пишувањето.

Оттогаш речиси и не сум престанал да пишувам и да сликам, тоа продолжи и кога се преселив во Австралија. Со моите раскази сум освоил награди и на конкурсите во Нова Македонија, а повеќепати бев наградуван и на конкурсот за краток расказ „Електролит“ на „Темплум“ од Скопје. Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман, која ја освоив во 2020, ми е особено драга.

Го сакав и сликарството. Освен членувањето во ликовниот клуб „Ко-Ра“, еднаш пробав да се запишам на Ликовната академија во Скопје, но не го поминав приемниот испит. Подоцна дознав дека (со чесни исклучоци), ако не си пробал повеќе пати, не си можел да се запишеш без врски. Па така, решив иако без диплома од тој факултет, да навлезам и во тајните на ликовната уметност и мислам дека со време изградив свој, препознатлив стил. За среќа, има љубители на уметноста во Австралија и во други делови од светот на кои им се допаѓа тоа што го работам, ги купуваат моите цртежи и слики, а сум бил и изложуван.

Како Владо заврши во Австралија? Што беше пресудно?

Не беше лесна одлука да заминеш и да живееш во друга земја. Но, со мојата сопруга се согласивме дека се важни слободата на изразување, напредувањето во струката без притоа да се слугува на некоја партија, финансиската стабилност, обезбедувањето покрив над глава, пристојниот живот… Заклучивме дека ако повеќето од овие нешта не се исполнети или не се на задоволително ниво тогаш сериозно треба да размислуваме за заминување. Никој нема да биде вечно на ова земја и природно е човек да се стреми кон нешто подобро додека за тоа има шанса. Од дома заминав уште за време на студирањето. Тоа беше првиот чекор, мал чекор, бидејќи беше само преселување од Битола во Скопје. Набрзо ми се објави збирката раскази. Пишувајќи, и со објавена книга, би се очекувало да студирам книжевност или нешто слично. Сепак одлучив да дипломирам на Технолошкиот факултет во Скопје. Мислам дека не згрешив, бидејќи на тој начин можев да си обезбедам редовни средства за живот и непречено да продолжам да пишувам. Потоа следуваше следниот чекор, далеку поголем од претходниот, заминување за Австралија. Ми одеше во прилог тоа што универзитетската дилома ми ја признаа во Австралија. Тука долги години работев за неколку водечки светски компании – најчесто на истражувачки и развојни проекти, формулирајќи најразлични индистриски производи. Меѓутоа пред неколку години решив да престанам активно да работам во оваа струка, доста ми беше од технологијата и науката и од стресот што оди со таа струка. Оттогаш почнав повеќе да се свртувам кон она што и онака паралелно го правев цело време: пишување, сликање, илустрирање и патување по светов.

Што е најголемиот предизвик во Австралија?

Предизвикот за секој е различен. Освен неизбежниот предизвик да се успее и целосно да се интегрираш во ова општество, мојот најголем предизвик најчесто бил и сè уште е – да не си го заборавам мајчиниот јазик. Ќе си помислиш дека јазикот е нешто што засекогаш останува запишано во тебе, како некаков запис длабоко врежан во тебе, но зачудувачки е колку лесно можеш да заборавиш многу нешта од тој запис ако подолго време живееш надвор од Македонија, во мојот случај над 30 години. Затоа зачувувањето на мајчиниот јазик не е мал предизвик, особено на степенот на којшто се трудам да го зачувам како некој што активно пишува и објавува во Македонија, а живее во Австралија. Сум кажал и во друга прилика и пак ќе споменам дека во средината во која што живеам, во Сиднеј, речиси и немам прилика со некого да зборувам на македонски, но мислам дека во себе толку добро сум развил некој внатрешен механизам за опстанок на мојот мајчин јазик та еве, можам да се пофалам дека воопшто не сум го заборавил и зборувам и пишувам на македонски исто како моите драги колеги писатели и писателки што живеат и творат во Македонија.

Какво е чувството кога се враќаш дома, кое е твоето дома?

Моето дома е таму каде што се чувствувам најдобро, таму каде што се задоволени моите потреби за кои зборував малку погоре: слобода на изразување, напредување во струката, финансиска стабилност, пристоен живот, подалеку од политичка заслепеност, корупција и слично. Во тој поглед, Австралија ја чувствувам повеќе како дома и после секое патување по светов секогаш сум среќен кога авионот ќе прелета над прекрасната Оперска куќа и ќе се спушти на сиднејскиот аеродром. Но сепак и она другото дома што сум го напуштил во Скопје, Битола, никогаш не се заборава, барем не додека има кај кого да се вратиш, додека има кој да те пречека и препознае и ти каже добар збор. За среќа таквите блиски души сè уште ги има во Македонија. Меѓудругото, затоа речиси секоја година поминуваме извесно време таму и се дружиме со нашите најблиски и пријатели.

Иако сега има рестрикции за патување, сепак Владо многу патувал, можеби е еден од ретките Македонци кој посетил толку многу земји во светот. Од каде тој порив да се патува?

Можам да речам дека во последниве неколку децении сум поминал добар дел од светот, сум престојувал во преку шеесетина земји и стотици градови. Убаво е тоа кога се чувствуваш како еден вид граѓанин на светот. На пример, гледаш филм или читаш книга и честопати си таму каде што е и главниот јунак, бидејќи си ги посетил повеќето од местата што ги гледаш на екранот или меѓу кориците на книгата и благодарение на тоа сосема поинаку гледаш на приказната што се раскажува во филмот, во книгата – има некоја сосема поинаква и побогата димензија, безмалку магија. Истото чувство го имам и кога ги пишувам моите романи. Тоа е доживеано искуство што ми помага полесно и поубедливо да ја поставам конструкцијата на романот на тло што сум го измерил вдолж и попреку патувајќи и знам како треба да изгледа од сите страни. На тој начин добивам во убедливоста на материјалот и тродимензионалноста на она што го пишувам. Тогаш не ти требаат многу описи за анимирање и оживување на местото/ситуацијата/приказната, како имиња на улици, знаменитости, цитати, референци и слични дрангулии, веројатно тоа го прават оние што „биле таму“ само преку читање книги, копање по архиви, енциклопедии или гледање документарци. Друго е кога навистина си бил таму, кога, покрај визуелното, си го осетил ритамот и мирисот и вкусот и тогаш можеш да ја доловиш сржта на ситуацијата во која сакаш да го сместиш дејствието и сето тоа да го направиш убедливо. Во тоа е и поривот да се патува, сакаш да научиш што е можно повеќе за светот со помош на сите свои сетила и навистина да почувствуваш дека си дел од нешто поголемо за кое вреди да се живее и да се продолжи да се патува.

Има ли омилена земја Владо, каде? Запозна ли Владо некој чуден народ?

Веројатно на прво место како омилена земја би ја ставил Јапонија. Сум престојувал и патувал низ Јапонија неколку пати и секогаш сум бил воодушевен од тоа колку се напред во многу работи – организираност, човечност, сигурност, хигиена. На пример, Токио важи за еден од најгусто населените градови во светот, но благодарение на нивната беспрекорна организираност и пресретливост сè изгледа толку средено, чисто, безбедно, хумано. На пример влегуваш во преполно кафуле на неколку спрата, врие од гости, наоѓаш празна маса дури на трети спрат, ги оставаш на масата своите вредни работи – камера, лаптоп, ајпед и сè симнуваш на приземјето да порачаш кафе. Потоа се враќаш на својата маса каде сè те чека како што си оставил. Никој ниту помислува да те испокраде. Не знам дали има друго такво, толку безбедно место. Отпрвин не можев да поверувам колку се опуштени Јапонците и колку лесно го оставаат своите вредни работи без да се плашат дека некој ќе им ги украде. После извесно време и јас се опуштив и го правев истото без страв дека уште еднаш нема да го видам мојот ајпед.

Од каде Владо црпи позитивна енергија?! Што најчесто те расположува?!

Секое патување по светов, секое седнување во авион и полетување во нови краишта е наплив на позитивна енергија. Секое запознавање на нови ликови, други култури, нивната разновидност и богата шареноликост е како непресушен извор на таква енергија. Во исто време дури и најобичните секојдневни нешта, на пример ритуалот на утринското кафе со сопругата, познатите лица на вработените во кафулето, на оние што се радуваат дека пак си решил да ги посетиш, што знаат како го сакаш кафето, знаат кое ти е омиленото место и слично, се подеднакво силни нешта што те орасположуваат и ти даваат силен импулс на позитивна енергија.

За нашите писатели и креативци, вообичаено е да сакаат да бидат познати надвор од нашите граници, тебе пак најмногу ти значи и долго време се обидуваше да влезеш внатре. Колку ти значи македонската публика?!

Не сум размислувал на тој начин – да се биде познат надвор или внатре. Ниту сум се обидувал како писател да влегувам внатре во Македонија, бидејќи како писател никогаш ниту сум излегол од Македонија иако физички сум/живеам во друга земја. Всушност, како некој што твори никогаш не сум заминал од Македонија затоа што секогаш сум претпочитал да творам на својот мајчин јазик и моите дела продолжуваат да бидуваат објавувани во Македонија. Што се однесува до македонската публика – времињата брзо се менуваат, тоа се одразува и на читателите, особено на помладите. Немам некои силно изразени показатели што се чита во Македонија, но од она што можам да забележам во последно време има тенденција покрај странските да се читаат и македонски автори, се забележува дека има некој нов бран што се враќа на читањето на домашни автори. Проблем е тоа што понекогаш има сериозно нарушување на објективното поставување на квалитетот на своето место, се случува не толку квалитетни дела да бидуваат високо вреднувани, а други, кои можеби заслужуваат повеќе внимание, да бидат поттурнати на маргините. Друг проблем е тоа што за жал, Македонија никако не може да тргне по пат на стабилност и просперитет и со тоа да се создаде слој на граѓани што ќе имаат можност и желба да издвојуваат повеќе пари и време за посетување на уметнички манифестации, купување книги и слично. Просто како на некој слој на луѓе – корумпирани политичари и сомнителни моќници – да им одговара постојано да се крчка немир, беззаконие, да се шират лажни вести и спинови и да се лови во матно. Тоа само води до сè поголема несигурност и нестабилност и уназадување на целото општество и паѓање на културата на сè пониски гранки. Сепак, зачудувачки колку е жилав народот, особено помладата генерација. Се надевам дека таа генерација ќе најде сила да го преземе работите и културата во свои раце и дека ќе дојдат подобри денови за сите.

Успехот, целта во животот ги исполни ли?

Дали сум ја исполнил целта во животот? Одговор на такво прашање нема, како што не би требало да има одговор на тоа што е радост, што е љубов, што е смислата на нашето постоење… Барањето одговор на вакви прашања или обидот да се осознаат, стават во некакви дефиниции, размислувања, теории, води само до нови прашања и сè се сведува на залудно изгубено време. Мислам дека треба само да се живее, да се патува, да се биде вљубен, да се биде среќен без да се прашуваме зошто сме живи, зошто патуваме, зошто сме вљубени, зошто среќни, бидејќи одговорот сигурно нема да го најдеме туку само ќе најдеме уште повеќе прашања. Евентуалниот одговор може да се најде само ако на крајот од тој пат наречен живот застанеме и започнеме да го вртиме филмот наназад.

Што да очекуваме од Владо во иднина, на што работи во моментов?

Што работам во моментов? Само што го завршив мојот најнов роман за возрасни и се надевам дека наскоро ќе биде објавен од некоја од издавачките куќи во Македонија. Работам и на три книги за деца кои се надевам дека исто така ќе добијат зелено светло од издавачките куќи. Се обидувам да дознаам што се случува со моите две откупени бајки на конкурсот на Арс Ламина и слично. Не сум го заборавил и сликарството иако направив мала пауза. Паралелно работам и на моите илустрации и стрипот. Во последно време уживам работејќи на мојот најнов стрип Палавковците, кој си има своја страница на Фејсбук и е добро прифатен и се надевам дека интересот за Палавковците ќе продолжи да расте.

Владо Јаневски самиот е автор на кориците на неговите четири романи: „Мртвите знаат најдобро“, „Мade in Jabana“, „Под друга капа“ и „Чудо зад аголот“.

„Мртвите знаат најдобро“
„Под друга капа“
„Made in Jabana“
„Чудо зад аголот“

Веќе од утре „Позитивно.мк“ започнува со редовно објавување на неговите епизоди од стрипот „Палавковците“.