Откако кинескиот ровер „Јута 2“ е на таканаречената темна страна на Месечината, Вонземјаните или се кријат, или ги нема, или пак не разбираат кинески, бидејќи не можат да ја разберат пораката упатена кон нив, што Кина им ја испратила како одговор на нивниот знак останат на околу 80 километри од роботот – возило, а може да се види нацртан на тлото на единствениот земјен природен сателит.
Според извори на кинеските медиуми, на фотографијата што вчера беше објавена на социјалните медиуми, пишува нешто на досега непознат јазик, но според многумина ова е знак дека Вонземјаните само што заминале од темната страна на Месечината. Според, Чанг Чунг, кинески лингвистичар и експерт за непознати јазици, ова е прва официјална порака од Вонземјаните.
„Празeн свет“, напишале Вонземјаните на тлото на Месечината, а фотографија од пораката и кинескиот одговор на неа е испратена преку кинескиот ровер до Земјата, а е преведена од Чанг Чинг.
Од „НАСА“ негираат дека Вонземјаните постојат, а за соопштението велат дека не е за верување.
„Како баш преку кинески ровер е испратено оваа соопштение, кога ние неколку пати бевме на Месечината и никој ништо не ни кажа. Сè што доаѓа од Кина не е за верување и е тенденцозно“, се вели во соопштението на НАСА и се додава дека иако Вонземјаните неколку пати веќе ја посетиле САД, сепак тие не постојат, а ако некој некогаш ги најде тоа ќе биде Америка, а не Кина.
Тие најавија дека во 2024 година ќе стигне нивни претставник на Месечината, и ќе види што се случува.
Кина строго се држи до своето открите и вели дека ова е првиот официјален контакт со Вонземјаните. Тие им одговориле на нивната порака и им напишале „Ве молиме повторете го прашањето“ надевајќи се на позитивен одговор годинава од вонземјанска страна.
Европа, пак од друга страна, не брза со заклучоци и вели дека во 2028 планираат да пратат свој човек на Месечината, па тогаш ќе излезат и со официјален став.
„Апсолутно сакаме да имаме Европејци на Месечината, но можеби 2027 или 2028 година, евентуално 2029.“, изјави шефот на Европската вселенска агенција за локалните медиуми. Тој додаде дека ако тоа што го откриле Кинезите е вистина, тогаш пораката од Вонземјаните е двосмислена и не е наведено на кого се мисли. Дали нивниот свет им е празен и бараат помош да се наполни, или пак нивната намера е всушност закана дека ќе празнат туѓ свет.
„И во двата случаи Европа мудро ќе си молчи, бидејќи нема намера ниту да празни друг свет, ниту пак да дозволи да се празни овој“, порача шефот на Европската вселенска агенција.
Од кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин, излегоа со кратко соопштение, во кое се вели дека Русија е многу заинтересиран за ова што се случува и ако Кинезите, или Американците, или пак било кои други, вклучувајќи ги и Вонземјаните, откријат нешто што не треба, да кажат на време за Русија да може да биде прва.
-Ако нешто најдете, слободно кажете. Ние секако веќе знаеме, порачуваат Русите.
Содржината на оваа вест служи за забава. Објавеното во неа не треба да се сфати сериозно. Секоја сличност со било што и било кого не е намерна.