Според најновите истражувања направени помеѓу деца и тинејџери идните генерации или барем повеќето од нив, кога ќе пораснат, не сакаат да бидат астронаути, полицајци или пожарникари, како што сакаа децата од претходните години, туку тие „сонуваат“ да станат – „јутјубери“ и „инфлуенсери“. Тоа што до пред некое време не постоеше како „професија“, сега е најпопуларната окупација, и тоа, не само на децата, туку и на возрасните кои се обидуваат да влезат на пазарот правејќи разни фотографии и видеа и повикувајќи ги другите корисници да кликнат, споделат или да се „претплатаат“ на нивните канали.
Но, не секој успева да биде тоа што сака. Меѓу многуте од нив, само мал број на крајот успеваат да соберат доволно голема база на „фанови“ и прегледи за да можат да започнат и да заработуваат пари.
Ако се прашувате колку фанови или следбеници навистина ви требаат за да објавувате спонзорирана содржина и да започнете да заработувате за живеење од вашите активности на социјалните мрежи, тоа веќе можете да го проверите на „Lickd.co“, каде што врз основа на „различни предвидувања во индустријата“ има калкулатор што ќе пресмета што сè ви е потебно за да имате годишен приход доволен за живеење.
Бројките се однесуваат на американскиот пазар и можат да зависат од разни индивидуални фактори.
На пример, ако посакувате цифра од 20 илјади долари годишно и ја внесете во калкулаторот, потребно е да имате најмалку 1000 претплатници на ЈуТјуб, а видеата што сте ги објавиле да бидат прегледани околу 4,8 милиони пати за една година. Ако сакате да ја постигнете таа бројка на Инстаграм, со минимум 5000 следбеници, треба да имате 62 спонзорирани објави.
Што се однесува до TikTok, со минимум 10 илјади следбеници за да се заработат 20 илјади долари годишно, објавената содржина треба биде прегледана повеќе од 54 милиони пати.