Халкбанк соопшти дека ја исполниле својата обврска според која до 1 март требаше да го имплементира системот за наплата за Македонска пошта, што значи дека од понеделник започнува функционирањето на платниот промет во АД Пошта на РСМ.
Платниот промет во првата недела ќе биде достапен во повеќе избрани подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово. Во текот на март услугата ќе биде достапна во сите останати единици на Пошта, информираат од Халкбанк АД Скопје.
Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта, посочуваат, ќе биде со особено поволни провизии. Односно 35 денари за плаќање на сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.
Со оглед на широката мрежа на експозитури и тоа во места во кои граѓаните немаа друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, од Пошта очекуваат дека претпријатието во многу скоро време ќе се врати на првобитната позиција која ја имаше до пред неколку месеци – каде се одвиваше 25 проценти од вкупниот платен промет во државата, стои во соопштението.
Халкбанк АД Скопје беше избрана за банка преку која ќе се одвива платниот промет на Пошта.