Низ што сè поминуваат мајките со „ин витро”: Ерика Каје објави воодушевувачка фотографија што го покажува токму тоа

ПРИКАЗНИ SLIDE

Патот до бебе за некои жени е сосема обичен и нормален природен процес, додека за други болен, тежок, неизвесен, но пред сè некогаш и единствен начин да добијат дете. Станува збор за процес кој е емоционално и финансиски исцрпувачки и потребна е голема поддршка и издржливост. Многу истражувања докажале дека жените кои се соочуваат со неплодност имаат емоционално ниво на стрес идентично на пациентите со карцином. Но, секоја приказна е различна.

Приказната на Ерика Каје внесува капка надеж во животите на сите парови кои се соочуваат со неплодност. На својот профил на Твитер, таа објави моќна фотографија од нејзиното бебе заобиколено со сите терапии кои помогнале во неговото создавање и ја сподели својата приказна. На фотографијата има 900 шприцови, празни шишенца и сè што упорната мајка го искористила за нејзината среќа.

Фотографијата ја објавила за визуелно да покаже низ што сè поминуваат жените за време на вонтелесното оплодување. Ова е нејзиното трето дете кое го добила со „ин витро“.

 Таа и нејзиниот сопруг живеат во Тенеси и успеале да добијат две деца со ин витро и посвојување. Поради желбата за уште поголемо семејство, тие одлучиле повторно да се обидат да зачнат бебенце.

„Пред една деценија, кога заочнав со третманите, никогаш не сум слушнала некој да зборува отворено за ИВФ. Се чувствував скршено и свесно за мојот неуспех да станам мајка.

Засрамена, тајно ги правев циклусите за ин витро, еден по еден, криејќи ги моите медицински третмани од семејството, пријателите и колегите. Научив како совршено да се кријам во бањите за тивко да си ги убодувам иглите во стомакот, на страните и во грбот, избегнувајќи сведоци и отстранувајќи ги доказите. Внимавав во јавност да не ги покажам физичките и емотивните лузни“, раскажува Ерика.

„Додека се обидувавме да го прошириме нашето семејство, низ годините имав пет спонтани абортуси. Имаше моменти кога мислев дека нема да можам да ја издржам болката. Срцепарателно е да врвиш низ толку многу физичка и емотивна болка за да останеш бремена, а потоа да го изгубиш плодот и да се чувствуваш дека сета таа траума била за ништо.“, вели таа.

„Поминував по неколку дена свиткана, со солзи кои паѓаа на моето лице, обидувајќи се да дишам. Се чувствував како срцето да ми е откорнато од градите, како да крварам. Но, за сите други моите рани беа невидливи. Кога модринките исчезнаа и шприцовите беа тргнати настрана, беше како ова искуство да се нема случено“ – открива Ерика.

„Без да се запрашам себеси зошто, престанав да ги фрлам искористените шприцови и игли и празните шишенца. Сметам дека потсвесно барав конкретен доказ за да си ја потврдам болката. Можеби барав начин како да ја квантифицирам физичката и емотивната тежина на неплодноста. Без разлика како се одвиваа работите, сакав да можам да погледнам наназад во процесот и да го видам и задржам искуството“, раскажува таа.

По стотици примени лекарства и бројни негативни тестови за бременост, Ерика и нејзиниот сопруг избрале сурогат-мајка која ќе го носи нивното бебенце.

Ерика и сурогат-мајката продолжиле да ги собираат сите искористени шприцови потребни за да дојде детето на овој свет.

Таа била нејзината надеж и поддршка и заедно двете ги чувале искористените медицински материјали, како доказ за целиот труд.

Кога се родило детето не знаела што да прави со материјалот. Го фрлила на подот и ја добила идејата за фотографијата.

Последните два круга од срцето се оние што ги користела сурогат мајката. Останатите, оние во средината се на Ерика.

Според Центрите за контрола и превенција на болести во САД, околу 1 од 5 жени на репродуктивна возраст страдаат од проблеми со плодноста. Меѓу мажените жени на возраст од 15 до 49 години, околу 1 од 4 имаат потешкотии да забременат или да ја носат бременоста до крај. За жените кои знаат дека се бремени, приближно 10% до 20% завршуваат со губење на бременоста.

Ова се неверојатни бројки. Речиси секој во светот познава некоја која страда од неплодност или губење на бременоста.

Според Светската здравствена организација, секој еден од шест возрасни се соочил со неплодност. Приказната на Ерика е објавена во тек на Национална недела (од 23 до 29 април) во САД за подигање на свеста за неплодноста.