Отворање на првата „вакцинирана“ земја

ПАТУВАЊА SLIDE

На крајот на следниот месец, Израел ќе дозволи влез на вакцинираните туристички групи, затоа што домашната кампања за вакцинација драстично го намалила бројот на заразени лица, се вели во соопштението што денеска заеднички го објавија израелските министерства за здравство и туризам.

Посетителите од странство при влез во земјата ќе мора да покажат негативен ПЦР тест уште пред да се качат на лет за Израел и серолошки тест за да докажат дека се вакцинирани по пристигнувањето на аеродромот Бен Гурион, близу Тел Авив, пренесува Ројтерс.

Во заедничкото соопштение на министерствата се вели дека „ограничен број групи ќе започнат да пристигнуваат на 23 мај“.

Во подоцнежна фаза, влезот на групи ќе биде проширен, а индивидуалните патници исто така ќе можат да влезат во земјата, се вели во соопштението.

„Израел е првата вакцинирана земја, а граѓаните на Израел први уживаат во резултатот од вакцинирањето. По отворањето на економијата, време е да се дозволи и туризам на внимателен и пресметан начин”, изјави израелската министерка за здравство Јули Еделштајн.

Пред еден месец, Израел започна повторно да ја заживува својата економија, носејќи ја на „крилјата“ на најдобрите резултати од вакцинацијата. Во Изралел околу пет милиони од вкупно 9,3 милиони жители веќе ги имаат примено двете дози на вакцината против Ковид 19.

Во Израел моментално има 3.369 активни случаи на ковид, а бројот на дневни инфекции се намали на просечно околу 200.