Полскиот ветеринар Јакуб Котович за многумина стана херој оти патува ширум Украина и спасува животни најдени среде воените зони. Тој досега со три конвои спасил над 200 мачки и 60 кучиња од градот Лавов.
Кога имал 17 години, Јакуб (32) основал добротворна организација за спасување животни наречена Фондација АДА, а сега таа служи и за спасување на милениците во војната.
Тој се надева дека ќе купи уште едно возило и ќе формира прифатилиште за животни покрај склад за храна. Раскажа и како две мачки веќе стигнале кај своите семејства кои се вон Украина…
– Сите домашни миленици се под голем стрес, патувањето од Лавов трае еден ден и границата ја минавме со дипломатска карта, но линијата од Украина беше многу долга, вели ветеринарот.
Тој раскажа и како луѓето доаѓаат кај него прашувајќи дали успеал да ги спаси и нивните миленици?
– Ние ги подготвуваме животните за процесот на посвојување. Понекогаш оние кои се во многу лоша состојба ќе бидат со нас два или три месеци, додава тој.
Меѓу спасените животни се и кучето Вир, кое било погодено од куршум во ‘рбетот и џуџестиот јарец Саша, чии нозе се деформирани.