Основачот на „Тесла“, Илон Маск, еден од најпознатите претприемачи на денешницата, позитивно се изненадил кога разбрал дека жителите на овој град имаат најмалку по една тесла во нивните гаражи.
Како што дознаваме, жителите на македонскиот град Кочани, како и околните села, во нивните подруми, гаражи… имаат по најмалку една тесла, некои дури и по пет – шест, за секого по една, да не се караат.
„Се сретнавме вчера со Илон Маск во Стришани. Си правеме муабет, натаму наваму… Човекот не може да поверува како така во секоја куќа во Кочани има по една тесла“, се вели во објавата на „Кочанска котлина“.
Веројатно премногу бил зафатен со своите предизвици, па не бил информиран на време дека во Кочани одамна се користат „тесли“. За волја на вистината, постар модел се од неговите, но вршеле, а и сега вршат многу работа, за копање, ковање шајки, вадење шајки…, не бараат кој знае какво одржување и не трошат електрична енергија. Ова, за него, ново откритие, може да му помгне во неговите понатамошни проекти, особено ако сака да вметне некои трајни вредности и традиционални алатки во неговите иновации.
Содржината на оваа вест служи за забава. Објавеното во неа не треба да се сфати сериозно. Секоја сличност со било што и било кого не е намерна.