Садио Мане е име за кое сигурно слушнале сите љубители на фудбалот, а фудбалерот на Ливерпул синоќа ја предводеше својата селекција до историски трофеј.
Фудбалската репрезентација на Сенегал синоќа за првпат во историјата го освои Африканскиот куп на нации, откако Садио Мане го реализираше одлучувачкиот пенал во серијата.
Тешко детство
Мане израснал во многу сиромашно семејство, а детството го поминал работејќи на нива и му помагал на семејството за време на жетвата за да можат да се прехранат и да заработат пари за основно образование.
Мане многу сакал да игра фудбал, но неговата магична игра била на второ место, бидејќи првото место го имала желбата да не си легне гладен. Неговата цел во животот била еден ден да игра во Лигата на шампионите и да заработи доволно пари за неговото семејство никогаш повеќе да не мора да работи тешки работи за да преживее.
Животот постојано го ставал во искушенија, од моментот кога вујко му објаснил дека нема пари да му купи копачки и да плати за тренинзите, до трагедијата која го променила засекогаш:
-Кога имав седум години, се сеќавам на денот и ден денес, сакав да излезам надвор и да си играм со другите деца бидејќи соседот доби топка. Тогаш еден од моите роднини ми пријде и рече дека татко ми починал – открива Мане во филмот за себе.
Трагедијата го направила посилен
Трагедијата истовремено го направила и посилен, па не се откажал од сонот да стане фудбалер.
„Отидовме на проба, имаше многу момчиња. Сега ми е смешно, но никогаш нема да заборавам како еден постар маж ме погледна, како да сум дошол на погрешно место. Ме праша зошто сум овде, кога му одговорив ми рече: Со тие копачки? Како можеш воопшто да играш со нив? Само погледни ги. И тие беа лоши, навистина лоши. Искинати и стари. Не носев ни шорцеви какви што требаше. Му кажав дека дојдов облечен во најдобро што го имав и дека сакам само да играм, да се покажам“ – се присетува Мане во интервју за „Goal.com“.
Во селото на Мане, Бамбали, 70 отсто од жителите се сиромашни. Кога Мане бил дете, немало ни болница.
„Во Бамбали немаше болница, па татко ми мораше да биде однесен во соседното село за да му го спасат животот. Но, тоа не се случи. Сестра ми се роди во куќата, бидејќи во нашето село немаше болница. Знаев дека морам да заминам, како знам и умеам“, изјави Мане.
Семејството првично било против фудбалот
Иако Мане бил опседнат со фудбалот и неговиот талент бил забележан долго пред пробата, семејството не било воодушевено од идејата да го напушти домот за спортска кариера.
„Тие се многу религиозни и имаа поинакви планови“, рече Мане.
Сепак, семејството попуштило откако видело дека тој ќе продолжи да го следи својот сон со или без нивна дозвола.
На 19 години играл за Мец и веднаш го покажал својот талент, нешто што ги вознемирило другите европски клубови. „Салцбург“ бил најбрз, па Сенегалецот се преселил во фабриката за таленти „Ред Бул“. По две брилијантни сезони следел повик во Премиер лигата.
Не троши пари на скапи автомобили и вили, туку на нешто многу повредно
Сенегалецот заработува околу 110.000 евра неделно, но наместо да ги троши на скапи автомобили и вили, тој ги троши парите на нешто многу повредно.
Првата работа што ја направил е финансирање на изградба на болница во родниот Бамбали. На секој жител на неговото родно село му дава по 70 евра месечно за да им помогне да имаат горе-долу пристоен живот. Нека не ве залажува бројката, во африканско село 70 евра вредат повеќе отколку што мислите. Исто така, тој изградил и училиште во родното село.
Секој викенд Мане волонтира во џамијата во Ливерпул, каде што чисти тоалети и му помага на локалниот имам. Парите не го импресионираат освен како средство за помош на луѓето. Се уште се прераскажува познатата фотографија на која носи телефон стар три години со целосно скршен екран.
„Зошто би сакал да имам 10 Ферари, 20 дијамантски часовници и два авиони? Kому ова би му значело, како би му помогнало тоа на светот? Она што го заработувам е можност да им помогнам на луѓето. Наместо да трошам пари на работи што не ми требаат, градам училишта, купувам храна и облека за сиромашните, за оние кои немаа среќа како мене“ – вели фудбалерот на Ливерпул, кој од синоќа е бесмртна легенда на Сенегал и новиот фудбалски крал на Африка.