На само еден месец во пресрет на денот на шопингманијата, дознаваме дека продавниците и годинава ќе го одбележат „Црниот петок“ со специјални попусти од дури 5 проценти на третиот артикл. Токму ова денеска го соопшти „Сојузот на синдикатите на сопствениците со попуст на третиот артикл“.
На овој начин продавниците ќе придонесат за глобалната акција позната по големити попусти, а годинава, поради пандемијата и специјалните протоколи, „Црн петок“ ќе трае дури цела недела. Ова е за, како што велат сопствениците на продавниците, сите да имаат шанса да си ги купат посакуваните производи.
„Важно е потрошувачите да разберат дека продавачите не размислуваат само за профит, туку дека се таму за да им помогнат и да заштедат пари, но и да добијат неверојатна шанса да ги потрошат тие пари, исто како што тоа го прават нашите колеги ширум светот“, велат од „Сојузот на синдикатите на сопствениците со попуст на третиот артикл“.
Тие во своето соопштение ги пофалија сопствениците затоа што наоѓаат начини нивните клиенти, кои за разлика од потрошувачите во САД, да не се тепаат пред влезовите или во продавниците и да не чекаат цела ноќ за да влезат.
„Во нашите продавници во изминатите години не се забележани тепачки и покрај феноменалните попусти, а не очекуваме ниту годинава некој да се затепа заради попустот на третиот артикл – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен и наведува дека ако и ова помине добро, за следната година подготвуваат посебно изненадување, кога покрај третиот, и четвртиот артикал ќе се најде на продажба со неверојатни 7 проценти попуст, под услов неговата вкупна вредност да не надминува 900 денари. Во овој случај потрошувачот ќе може да си ја одбере и бојата на подарокот од понудените, специјално брендирано „црн петок“ миризливо марамче за бришење и дезинфекција на лице или на раце, или пак доколку до догодина заврши пандемијата, ќе си добие обично марамче за бришење на раце или лице со бојата што ќе си ја одбере. Во случај количините да се потрошат, ќе има само бели.
„Црн петок“ годинава се паѓа на 26 ноември, а како што соопштија од „Сојузот“ ќе трае до 3 декември, кога пак ќе започнат предпредновогодишните попусти.
Содржината на оваа вест служи за забава. Објавеното во неа не треба да се сфати сериозно. Секоја сличност со било што и било кого не е намерна.