Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, доцна синоќа соопшти дека се регистрирани серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.
Првиот земјотрес што се случи во 22 часот и 43 минути бил со Рихтерова магнитуда ML5.6, а беше најсилно почувствуван од населението во југозападниот дел на РС Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава беше почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.
Вториот почувствуван земјотрес беше во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда ML4.2, а беше почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.