За oние кои ја познаваат Соња Енџекова Сопотска, не требаат многу зборови да се опише, беше најдобрата ученичка, студентка, магистрираше со просек 10.00 и стана Доктор по филолошки студии. По потекло е од Струмица, до пред некое време заедно со семејството живееја во Скопје и, исто така заедно со нејзиниот сопруг, Атанас Сопотски и двете малолетни деца, си ги спакуваа куферите и заминаа во Австралија. И двајцата ги напуштија нивните работни места, Атанас како професор по историја во „Раде Јовчевски – Корчагин“, а таа како професорка по македонски јазик во средното економско и правно училиште ,,Васил Антевски-Дрен”.
Разговаравме со Соња за животот во Австралија, за што може да понуди друга земја за високообразовен кадар какви што се и двајцата и дали по толку многу вложување во себе и својата кариера, вреди да се замине на другиот крај од планетата. Во моментот таа ги завршува и магистерските студии од областа на образованието во Австралија.
Позитивно.мк: Соња, колку ти недостига Македонија, што најмногу?
Енџекова Сопотска: Македонија ми е во срцето и секогаш ќе ми недостига! Најмногу ми недостига духот на вековната историја и култура, просторот каде што се вкрстуваат различните традиции и верувања, спомениците и манастирите што сведочат за нашето постоење и опстојување. Особено ми недостига манастирот ,,Пресвета Богородица – Елеуса“ во с. Вељуса, Струмица, местото каде што израснав и се роди мојата љубов кон средновековната литература.
Тој простор е мојот микрокосмос, мојата тишина и созерцание, моето спознание за себе и светото. Ми недостига мирисот на храната, мирисот на домот каде што чувствуваш спокој и благодатен мир. Ми недостигаат моите најблиски и пријателите од моето детство и факултет со кои можам да ја споделам секоја моја тага, болка, радост и мисла.
На Соња ѝ недостигаат и нејзините ученици со кои дискутирале не само за прочитаните книги, туку и за нивните доживеани чувства, емоции и ставови за современиот начин на живеење. Сето тоа го почувствувала кога, како што вели, се откинала од родното огниште, „чувство кое не можеш да го опишеш сè додека не го доживееш!“.
Заминувањето во Австралија било најтешката одлука што ја донеле заедно со сопругот. Атанас Сопотски работел речиси 15 години како професор по историја во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, а таа жртвувала многу години работејќи како заменски професор.
Позитивно.мк: Како се одлучивте да заминете во Австралија, што беше пресудно?
Енџекова Сопотска: Првата мисла за напуштање на мојата татковина се појави кога се соочив со непотизмот на факултет кога конкурирав за работното место асистент, политичките притисоци и закани со кои се соочувавме секојдневно со мојот сопруг. Од друга страна, работев 10 години како заменски професор по македонски јазик и литература бидејќи не бев во ниедна политичка партија, наидувајќи на немоќта на директорите да ме задржат бидејќи требаше да вработат некој кој ќе ги исполнува партиските услови. Сето тоа создаваше гнев, неспокој, немоќ и чувство дека не припаѓам во овој систем што резултираше со заминувањето во Австралија.
Позитивно.мк: Што знаеше за Австралија претходно, сакаше ли да живееше таму? Новите почетоци секогаш се тешки, но какви беа за тебе и твоето семејство?
Енџекова Сопотска: Австралија секогаш ме привлекувала со нејзината прекрасна природа, разновиден животински свет и мистичната култура на Абориџините кои сè уште ги проучувам. Во Австралија сакав да живеам поради климата и мултикултурната разновидност. Ние сè уште сме на почеток, во Австралија сме 10 месеци, но брзо напредуваме во адаптацијата. Најтешките мигови беа првите 6 месеци кога се боревме со носталгијата, отфрлањето на сè она што сме го работеле претходно и обезбедувањето на потребните документи за работа.
Позитивно.мк: Во Австралија има многу Македонци. Некои се долго време таму, некои пократко. Каков е животот на Македонците во Австралија, што тебе најмногу ти се допаѓа?
Енџекова Сопотска: Не се разликува многу во однос на традицијата и културата бидејќи многу од нив живеат во рамките на македонската заедница којашто ги негува македонската историја и јазик. Најмногу ми се допаѓа сплотеноста и заедништвото во однос на македонските национални прашања и идентитет, присутна кај првата генерација. Истовремено, многу се вложува во афирмацијата на македонската култура преку организирање на фестивали каде се изложува македонска храна, се презентираат македонски списанија, весници и книги, се слуша македонска музика.
Позитивно.мк: Со тебе се и твоите деца и сопругот. Каква беше промената за нив? Како се прифатени на училиште, во новите средини, на работа…. Како им оди во училиште?
Енџекова Сопотска: Целото семејство доживеавме огромни промени во однос на севкупниот начин на живот во Австралија. Но, сепак, ова е една мултикултурна земја каде различностите се целосно прифатени и адаптирани, нудејќи секаков вид на поддршка, пред сè во однос на јазикот и културата. Имено, во секоја институција има преведувачи и училишта каде може да го изучувате англискиот јазик, а истовремено и мајчиниот јазик. Во училиште, децата ги воведуваат постепено во наставата преку специјална наставна програма за странци што им овозможува усовршување и транзиција кон наставната програма што ја изучуваат Австралијанците. Моите деца беа целосно прифатени од другите ученици и наставниците, поттикнувајќи ги секојдневно да напредуваат. Всушност, ученикот е во центарот на наставата и учењето се одвива преку активности и проекти каде учениците на практичен начин ги усвојуваат знаењата, а наставниците се како ментори кои ја надгледуваат нивната работа. Истовремено, учењето е персонализирано, а тоа подразбира дека се негуваат талентите на секој ученик, доделувајќи му стипендија за да напредува понатаму. Тоа придонесе моите деца да го засакаат училиштето и учењето бидејќи предавањата се одвиваат во природа, музеи, научни институции, театри што им овозможува полесно да ја совладат наставната материја.
Во друга земја се промениле и желбите на децата како и размислувањата.
„Децата сфатија дека најважно е да имаш поставена цел, упорно да работиш и ќе ги исполниш своите соништа. За сега најголемите нивни желби се да станат најдобри фудбалери, а помалиот син има талент за цртање и тој се насочува кон уметноста“, вели Соња.
Позитивно.мк: Најде ли работа? Каде се гледаш во иднина?!
Енџекова Сопотска: Лесно се наоѓа работа доколку ги имаш потребните документи и квалификации. Моментално работам во едно специјално училиште за аутизам што е поврзано со моите магистерски студии, член сум на македонската асоцијација на наставници во Викторија, наставник по македонски јазик во саботните училишта и професор по македонски јазик на „International Balkan University“.
Позитивно.мк: Каков е животот во Австралија?!
Енџекова Сопотска: Нуди многу разновидни културни настани и манифестации опфаќајќи различни култури и традиции, вклучувајќи ги и фестивалите на сите народи кои живеат во оваа земја. Најчесто, сакаме да посетуваме музеи, театри и манифестации кои се поврзани со уметноста. Особено, сакаме да ја истражуваме културата на Абориџините кои се еден мистичен народ со длабока духовна култура на живеење. Од друга страна, ботаничките градини се наш предизвик кои се раскошни, колоритни музеи на природата, богати со разновидни видови на растенија, цвеќиња и птици. Понекогаш ги посетуваме и македонските фестивали коишто изобилуваат со типична македонска храна, музика и негување на македонскиот бит и традиција.
Соња истовремено работи и на нејзината втора магистерска теза и во иднина планира да се префрли да предава на некој од австралиските универзитети.
Позитивно.мк: Нуди ли Австралија можноти за дипломираните и високообразованите кадри од Македонија, особено за тие со македонски јазик?
Енџекова Сопотска: Има разновидни можности за високообразовните кадри од Македонија, единствено што е потребно да се направи проценка на стекнатите дипломи. Во однос на високообразовните кадри со македонски јазик постојат училишта каде што се изучува македонскиот јазик како втор јазик во рамките на билингвалните паралелки. Но, сепак, за да влезете во образовниот сектор потребни се специјални дозволи за работа со деца и дозвола за предавање од страна на државата во која живеете. Истовремено, она што го бара Австралија е да поминете низ нивниот образовен филтер за да може да станете дел од нејзиното општество. На пример, јас морав да запишам магистерски студии за образование (за инклузија на децата со посебни потреби во училиштата) за да може да го искористам моето работно искуство како наставник и да влезам во образовниот сектор.
Заедно со нивните две деца, дванаесетгодишниот Павел и осумгодишниот Лазар, Соња и Атанас продолжуваат со животот далеку од нашата Македонија и одлично им оди, освен што многу им недостига татковината и планираат да ја посетат во 2024 година.
„Со нетрпение чекам да ги прегрнам моите родители, роднини и пријатели“, вели таа.
Анета Тасова
Moja Sonjan svijet je jedna lopta šarena i dobro je vidjeti je sa svih strana . Meni i Ivi je drago što tebe i Atanasa poznajemo i želimo vam sve najbolje u životu . Za neko vreme sastaviti će se u tvom srcu Makedonija i Australija , jer nisu zemlje važne već ljudi a svijet je jedna lopta šarena i uživajte u njemu svi četvoro . Vaši prijarelji