Ако некогаш ја посетите Јапонија, постои голема веројатност да бидете сведок на еден необчен обичај: Јапонците истураат вода на улиците или тротоарите. Овој необичен ритуал бил сосема вообичаена утринска активност (па дури и обврска) на граѓаните во Кјото, до средината на 70-тите години. Заедно со истурање вода, задолжително било и метењето. Многубројните улици таму најчесто биле цело време влажни, но со текот на времето се „исушиле“ бидејќи се намалил бројот на традиционални куќи и дуќани.
Зошто?!
Јапонските власти со децении ги охрабрувале граѓаните да ги полеваат улиците со вода, но не со вода од чешма, туку со дождовница или вода што не се пие, пишува „Punkufer.hr“. „Учимизу“ или прскањето со вода на просторот пред сопствената куќа или продавница ја задржувало прашината и ја намалувало температурата во градот во текот на жешкото лето бидејќи со испарувањето на водата се ладел и асфалтот.
Исто така, учимизу е шинтоистички ритуал на прочистување, како и израз на љубезност и добредојде на посетителите. За овој ритуал важат непишани правила, па затоа е забрането да се полева дел од улицата на соседот. Исто така, во зима “учимизу“ не треба да се практикува за да не замрзнат патиштата.
Поради глобалното затоплување, во последните децении неколку еколошки групи во Јапонија воведоа програми кои го поттикнуваат „учимизу“, повикувајќи се на истражување дека масовното мокрење на улиците може да ја намали температурата на воздухот за неколку степени.
Научникот д-р Пол Сатур смета дека ладењето на улиците со вода е многу корисно за нашата планета.
Помала потрошувачка на електрична енергија
Граѓаните кои го практикуваат овој ритуал во јапонските урбани средини помалку ги користат клима уредите, што значително ја намалува нивната потрошувачка на енергија во домаќинството, а со тоа и емисијата на гасови – открива Сатур.
Исто така, на тие што ќе одлучат да истурат вода пред нивната куќа, им се препорачува да внимаваат да не напрскаат некого и притоа да користат вода што не е за пиење.