Луѓето ги избираат своите следни дестинации за патувања од различни причини. Некои одат некаде поради поради климата, настаните, носталгијата и се разбира сето тоа во согласност со „дебелината“ на нивниот паричник. Но, чоколадниот туризам е нешто сосема друго.
Овде станува збор за дестинации што туристите ги бираат само поради убавото чоколадо, фабрките за чоколода, музеите за чоколадот како и знаењата и искуството во консумирањето и производството на ова многу вкусно задоволство.
За среќа, постојат многу места во светот каде што можете да ја вкусите магијата на чоколадото од „вашите соништа“.
Барселона, Шпанија
Барселона е одлична дестинација за љубителите на чоколадото. Покрај вкусната кујна што вклучува чоколадо на неколку начини, тука е и Музејот на чоколадо каде што можете да научите сè за него, од првите почетоци до неговото производство денес. Во Музејот на чоколадото, исто така можaт и да се видат некои од најдобрите и најубавите скулптури од чоколадо.
Швајцарија
Швајцарија е земја на чоколадо, а дека тоа е така сведочи и фактот што многу туристички агенции нудат тури само за посета на фабриките за производство на чоколадо. Најпопуларни се турите во кои се вклучени посетите на познатие брендови и ги вклучуваат „Мaison Cailler“, „Laderach“ и „Camille Bloch“.
„Lindt“ е едно од најпознатите чоколада што доаѓа од Швајцарија, а го има насекаде, па и кај нас.
Она што е и интересно за Швајцарија е што иако климата не е погодна за одгледување на какао, сепак нашле начин да ги произведуваат едни од најдобрите чоколада во светот.
Швајцарците се едни од најголемите консументи на чоколадо, во просек јадат по 10 кила чоколадо годишно.
Виена, Австрија
Виена може да се пофали со богато културно минато во кое е вклучена и вкусната чоколадна Захер торта, симболот на австриската кујна. Овој деликатес можете да го вкусите на различни места, вклучувајќи ја слаткарницата Демел и хотелот Захер.
Оахака, Мексико
Се верува дека во „родното место“ на какаото, тоа се консумирало уште пред новата ера.
Во улицата Мина, најдобрата улица за слатки во светот, се наоѓаат Mayordomo, Guelaguetza и La Soledad – фамилијарни фабрики за чоколадо, многу ценети помеѓу правите познавачи на овие слатки. Покрај тоа имате можност да вкусите вистинско, штотуку подготвено чоколадо, а можете да го набљудувате и целиот процес на приготвување на истото, па дури и да научите како да го користите чоколадото во кулинарството.