Писателката Ведрана Рудан на почетокот на мај објави дека ѝ е дијагностициран рак на жолчните канали. Рудан беше оперирана, а во меѓувреме продолжи да објавува на нејзиниот блог „Авантурите на слепата ку’ва“ раскажувајќи без воздршка, болно и искрено, низ што минува. Нејзиното признание наречено „Полицајци во мојата глава“ го пренесуваме во целост:
„Кога имаш рак, тој само ти виси над главата. Знам! Знам! ЗНАМ! Морам да размислувам позитивно, не за ракот туку за убавите работи. Кои се убавите нешта? Пензијата од 460 евра, а моите лекови се 100 евра, прегледот 640 евра. Да се биде среќен затоа што имаш маж кој само скока околу тебе и не треба да знае дека низ глава ти се мота само едно. Денес преку интернет си купив само една јакна „Л“, 32 eвра, десет килограми ослабнав, тоа е убава работа. А што ако…
Неодамна прочитав како наш познат новинар весело изјавува дека децата се нашата најголема среќа и смислата на животот. Да помислам на моето дете? Мислам, мислам. Дали некогаш било смисла на мојот живот? Не. Дали направив се во мојот живот за да му помогнам во секој момент? Направив.
А сепак, тоа мое дете кое го сакам за четири месеци од мојата болест не најде петнаесет минути време за мене да ме посети?! Искрено, ќе бидам целосно искрена, дали тоа ме растажува? Искрено, најискрено, не. И телефонот е средба.
Мојот пријател ми рече, оди на психијатар, пробај. Психијатар? Никогаш не сум била на психијатар, можеби сум болна, сите се депресивни денес, ако не бидам сега, кога да бидам? Ќе голтам апчиња и ќе бидам среќна.
Батали. Психијатарот ми рече, „не си депресивна“. „Кажи, што те мачи?” „Ништо не ми се прави. Лежам цел ден, гледам серии, читам книги и одвреме-навреме со ужас го гледам нередот околу мене. „Зошто се грижиш? На кого му одговараш? Ако сега не правиш што сакаш, кога ќе правиш?“
„Бев строго воспитана, да можеше сега татко ми да ми ги види расфрланите книги на мојата масичка во дневната соба, лековите на бирото, мијалникот полн со садови што сопругот ќе ги стави во машината за перење, но и јас можев. ..“ „Татко ти, мајка ти и остатокот од екипата, ти гарантирам, никогаш нема да ти дојдат на врата и да ти се налутат на нередот, тие се само полицајци во твојата глава и треба да ги исфрлиш…”
„Полицајци?“
„Ведрана, во главата имаме полицајци кои ни диктираат како треба да бидеме „добри“, треба да ги зае’еме“, се разбира не рече „је’и га“, учтив е господинот. „Што друго те прави несреќна? „Детето. Но, тоа е нерешливо…“
Му ги раскажав деталите. „Како со таа приказна?” „Едноставно. Не можете да го промените вашето дете, никако и никогаш, но можете да се промените себеси. Прифатете го таков каков што е, спуштете го гласот и соочете се со вашиот нарцизам. Престанете да си повторувате: како можеше ова да ми се случи мене, мене, БАШ МЕНЕ. Ти се случило и живеј со тоа, одбери на кој начин. Не враќај се назад и не барај грешки”.
„И ракот постојано ми е на ум.” „Зошто?“ Какво прашање. „Затоа што е злобен, затоа што преживувањето со него е занемарливо, затоа што ми се живее…“ „Дали би билa посреќна кога би имала „подобар“ рак, каде стапката на излекување е 95%?” „Да, би била посреќнa“. „И не ви падна на памет дека баш Вие можете да се најдете во другите 5%?”
Утрово лежев на фотелја и гледав серија за двајца браќа кои ги убија своите ужасни родители, тие се уште се во затвор. Би сакала да ги пуштат. Извадив слатки во форма на бадем од лимената кутија, подарок од пријател од Париз, мачката ме погледна и ми побара храна. Хаос околу мене, но во мене мир.
Можеби сепак ќе бидам во тој 0,00001%? Ми се јави лошата мајка. „Ќерко моја, отсекогаш си била глупа“. „Мрш ма полицајко“, реков и се сетив што ми кажа пријателот.
„Не дозволувајте никој да ви живее во главата ако не плаќа кирија“.