За романописецот, раскажувач, драмски автор, поет, есеист, критичар и книжевен теоретичар и професор на Филолошкиот факултет, Венко Андоновски, не треба многу да се зборува, а сепак има многу да се каже. Неговото творештво е многу богато и е еден од најпознатите и најчитаните македонски писатели и колумнусти. Неговиот роман „Папокот на светот“ е награден со наградата „Балканика“ во 2001 година.
Во видео објавено неодамна, тој обраќајќи на промоција на антологијата „Ветерот носи убаво време“, каде зборува за застапените автори, при крајот на својот говор раскажува како тој станал најпродаван и најчитан автор купувајќи 100 примероци од својата книга во еден ден.
-Кога излезе мојата книга „Фрески и гротески“ за мене никој во Македонија, освен мајка ми и татко ми и моите професори, не знаеше дека пишувам. Еден ден отидов во книжарницата на „Македонска книга“, бидејќи работев како асистент, и со два чека купив 50 примероци за да ги поделам на колегите на факултет. Како што обично се случува, посебно на писателите, стигнав само до „Пирин планина“. Таму беа моите пријатели музичари, студенти по музика, денес исто така етаблирани, диригенти, музичари итн. Им поделив ним, нормално почнавме да се честиме, односно почнав јас да честам… и по еден час забележав дека имам само уште 5 книги и дека не можам да се вратам на факултет. Се вратив во книжарницата, во меѓувреме жената што ми ги продаде книгите си заминала, дошла другата. И таа не ме познаваше, велам „Дајте ми 50 книги“. И таа ме праша „За библиотека ви се?“, реков „Да, за библиотека ми се“. Повторно чекови, напишав чекови и право на факултет. Сум ја имал таа среќа после мене да влезе новинарот Ѕвездан Георгиевски, кој добил задача да направи „Која е најпродавана книга во месецот?“. И нему жените му рекла „Фрески и гротески“ од Венко Андоновски. Во еден ден се продадени сто книги“. Излезе во сабота дека „Најпродавана книга во месецот е ,Фрески и гротески’“ од Венко Андоновски. Знаете ли што се случи? Потоа таа и навистина стана најпродавана книга“, раскажа Венко Андоновски на промоцијата на антологијата „Ветерот носи убаво време“, порачувајќи им на издавачите да ги поддржат младите автори во нивните напори, особено во маркетингот.
Антологијата во издание на „Матица“ со 35 автори беше промовирана на 31 мај 2012 година во организација на Општина Илинден. Изборот и предговорот на оваа книга го направија Весна Мојсова Чепишевска и Иван Антоновски.