-Не се сите луѓе толку лоши колку што мисли лошиот човек.
-Да му се одмаздиш на животот – со заборав.
-На оние кои не се способни да почувстуваат приврзаност спрема некоја работа или лице, благодарност, незаинтересиран занес и слично – таквите чувства кај другите им изгледаат лажни и неискрени. Тие зад таквите чувства секогаш ги бараат личниот интерес и сметка, нижи побуди; а кога не ќе успеат да ги најдат, зашто ги нема, тогаш се лути не на себеси и на својата грешка, туку на таквите луѓе, и се склони да ги сметаат за лицемерни и лукави или, во подобриот случај, наивни и глупи. И од своето мислење не отстапуваат никогаш. Зашто, така се создадени.
-И тагата е еден вид на одбрана.
-Што прави твојот жал додека спиеш?! -Бдее и чека. А кога ќе ја загуби стрпливоста, ме разбудува.
-Познато е дека во односите на нашите блиски кон нас најмногу нѐ лутат и огорчуваат нивните постапки кои и самите би ги направиле случајно да се обратни околностите.
-Еден ден во кој разговарав со доста луѓе, гледав минувачи, читав книги и весници, слушав радио. Па и покрај сето тоа некој јалов ден. Од сѐ што слушнав и видов, овојпат ништо во мене не остави трага, ниту предизвика нова мисла или некое живо чувство. И сега предвечер, возбудено ја набљудувам од својот балкон тенката врвца што кривулејќи ја опашува вишинкава. Долго ја гледам таа врвца и нејзините свијоци и завои, небаре читам нејасен ракопис, и се ми се чини дека нејзините линии би требало нешто да значат, да кажуваат нешто за луѓето, за светот за животот, доста веќе, еве почнуваат да кажуваат…
Дека заморен и јалов беше денот што помина, но ако не сум видел, слушнал и ли прочитал многу од тоа преку денот, оваа нема и проста врвца сега не би била толку занимлива и толку речита во својата немост. – Охрид, Горица, август 1955 година
-Секогаш со бол и непријатност сум стоел пред зградите подигнати во времето кога луѓето уште не ги познавале ни лакот, ни сводот во градежништвото.
-Несреќата е стоока и сѐ гледа, а сепак е слепа на најлош и најстрашен начин, зашто го гледа и она што го нема.
-Чувајте се од понеделникот! Тоа е ден кога луѓето најмногу ви здодеваат, кога работи се појавуваат од сите страни. Тоа е, често, ден на пребрзаните заклучоци и премногу лесните одлуки.
-Непрестајно пиштеа по слободата, а заборавија пред тоа да побараат сила таа слобода достојно да ја носат.
-Татковината – тоа е кругот на сончевата светлина.
*Извадок од „Крајпатни знаци“ на Иво Андриќ (1892 – 1975), добитник на Нобеловата награда за литература во 1961 година.
Оваа книга тој ја пишувал речиси половина век. Во својот бележник, според сопственото кажување, Андриќ почнал да запишува впечатоци и забележувања уште додека имал 18 години. Книгата во целост се објавува во Собрани дела во 1977 година.