„А бре, Македонче“ е песна позната како македонска народна патриотска песна. Таа станала химна на партизанското движење, а за првпат е отпеана во периодот на Народно ослободителната борба, во времето на Втората светска војна.
Ретко кој знае дека песната, многу популарна и денес, е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка. Таа е напишана во прилепско, во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, а својата прва изведба ја имала во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир (митинг) во поробената Македонија.
Хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески – Љупта, во своите дела и сведоштва за формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ и неговото дејствување, зборуваат и за создавањето на оваа песна.
На 23 октомври 1941 година, при формирањето на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројца борци добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се крева борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење. Задачата им била доверена на Крсте Црвенковски Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка, не случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во борбата, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски – Оцка, кој бил талентиран и образуван виолинист учествувал во создавањето на музиката за песната. По расформирањето на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, Oрдан дејствувал илегално во селото Лавци, Битолско. По формирањето на првиот Битолски партизански одред „Пелистер“, бил член на раководството задолжен за агитација и пропаганда. Загинал во текот на борбата кај Ореовската Корија, битолско, на 3 мај 1942. Ордан, кој ја создал музиката за „А бре, Македонче“ од која и ден денес нè „лазат морници“ кога ќе ја слушнеме, загинал на само 20 години.
Оваа песна е постојано присутна и употребувана. Аранжманот е најчесто во 3/4 такт, а е снимена од многу изведувачи.
Можеме да ја слушнеме во првиот македонски игран филм „Фросина“ во 1952 година по аранжман на композиторот Трајко Прокопиев, како и во македонскиот игран филм „До победата и по неа“ од 1966 година. Популарен е и дуетот на македонските изведувачи на народни песни Никола Бадев и Александар Сариевски, а мешаната група и народниот оркестар на Танец ја издале на винил албум во 1974 година во издание на ПГП-РТБ. Песната е снимена и од групата „Леб и сол“, за првпат објавена во албумот „Звучен ѕид“ (Zvučni zid) од 1986 година.
Оригиналниот текст бил вака:
А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.
Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.
Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!
Подоцна се појавила втората верзија што повеќето од нас ја знаат и денес:
А бре Македонче, за каде се спремаш?
Борба те чека, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Момци наредени, моми накитени,
борба ќе одат, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Нека разберат клетите фашисти,
македонско име нема да загине!
Со музиката од оваа песна првиот национален медиум Радио Скопје секогаш ја започнуваше и завршуваше својата програма.