Откако помина „Блек фрајдеј“ една плавуша на социјалните мрежи се пофали што сè си купила со попуст. Нејзината објава изненади многумина, бидејќи она што таа успеала да го најде со голем попуст на овој ден, што вообичаено кај нас трае три дена, е навистина реткост.
„Како и сите и јас тргнав да барам да купам нешто со попуст, но за жал не купив ништо. Ова можеби ми е седумнаесетиот „Блек фрајдеј“ на кој не купив ама баш ништо. Па што си замислуваат тие. Можеби сум плавуша, ама не сум глупава, знам математика“, напиша таа на нејзиниот профил на социјалната мрежа Инстаграм.
Потоа таа додаде дека е добро информирана што е „Блек фрајдеј“.
„Кога даваат на вести во Америка како е, таму цените од 2000 долари се спуштени на 20, затоа се тепаат. Пример имаш телевизор, што чини 800 долари а го продаваат за 30. Тоа навистина вреди и да купиш. Си реков ако најдам нешто така, или некоја јакна од 8000 на 500 денари, ќе купам. Такво нешто немаше, и не само сега, немаше ниту минатата година, ниту таа пред неа, нема веќе седумнаесет години, колку што паметам“, појасни таа.
Како пример посочи еден трговец каде што пишувало дека има и „До 70 проценти попуст“.
-Влегов во продавницата и барај, барај 70 посто попуст, не можев да најдам. Прашав на каса, ми рекоа дека само еден производ бил со таков попуст, ама бил продаден уште минатиот петок, напиша таа во нејзината објава.
На крајот таа напиша дека ќе се обиде и следната година да си купи нешто, ако има попуст, ако не, веќе нема да оди да пазари на овој ден бидејќи само губи време и прави гужва, а не купува ништо, a тоа баш и не е многу паметно.
Содржината на оваа вест служи за забава. Објавеното во неа не треба да се сфати сериозно. Секоја сличност со било што и било кого не е намерна.