Во услови на пандемија, во вторник, на 18 мај, ќе се одржи првото полуфинале на „Евровизија 2021“. Втората полуфинална вечер ќе се одржи во четврток, 20 мај, а големото финале во сабота, на 22 мај.
Годинешниот домаќин е Холандија, откако нејзиниот претставник
Данкан Лоренс победи на Евровизија 2019 во Тел Авив, Израел.
По откажувањето на одржувањето на натпреварот во 2020 година поради пандемијата, холандските организатори одлучија годинава да го одржат натпреварот во Ротердам, градот домаќин на овогодинешниот натпревар за песна на Евровизија, на сцената што беше планирана и за претходната година.
Холандската влада донесе одлука годинашното експериментално издание на Евровизија да се одржи во присуство на 3.500 гледачи, а според новиот план, на настанот ќе присуствуваат само оние кои ќе покажат негативен тест на Ковид 19.
Евровизија 2021 година ќе се одржи во „Ахој арената“, а ќе се натпреваруваат 39 земји.
Според обложувалниците, годинешни фаворити се Франција, Малта или Швајцарија.
Нашата земја ќе учествува на овој музички натпревар, а ќе ја претставува пејачот Васил Гарванлиев, кој не е меѓу фаворитите според обложувалниците, како што не се ни земјите од регионот, Хрватска, Србија и Словенија, а Босна и Херцеговина одлучи да не учествува воопшто поради финансиски причини.
Ова е петти пат Холандија да го организира натпреварот за песна на Евровизија, откако претходно, во 1958, 1970, 1976 и 1980 година беше исто така домаќин на најголемиот музички натревар во Европа, а за првпат Евровизија ќе се одржи во вториот по големина град на оваа земја.
Годинава постои и уште еден услов, луѓето постари од 70 години, дури и да примиле вакцина или имаат негативен тест за КОВИД-19, нема да можат да влезат во салата. Сепак, за утеха, Градот Ротердам ќе им испрати евровизиски пакети со знамиња, шалови и друг рекламен материјал. За градот домаќин ќе има скоро 1.900 билети што ќе бидат распределени на граѓаните со помала финансиска моќ како дел од проектот „Прослави заедно“.