Ништо не е невозможно ако го разбиеш калапот – е мотото на Чунг Ју-јунг, основачот на брендот „Hyundai“.
Чунг бил најстарото од седумте деца и од раѓање му било судено да ја наследи скромната семејна фарма во Асана, град што моментално ѝ припаѓа на Северна Кореја.
Сепак, тој многу рано го покажал својот бунтовен и неконформистички карактер и никогаш не се помирил со фактот дека треба да го помине остатокот од својот живот во сиромаштија, работејќи на нива, како неговите родители.
По неколку неуспешни обиди да го напушти својот дом, успеал да се осамостои по третиот пат, во 1935 година, кога кравата на неговиот татко ја продал за карта за воз во еден правец.
Токму тоа му дало можност да се впушти во неговата авантура.
Откако работел во различни работи и по многу обиди, во 1941 година отворил своја работилница за поправка на автомобили во Сеул, која набрзо ги освоила клиентите со брзината и ефикасноста.
Веќе во 1947 година, од првичните 20 работници, бизнисот пораснал на 70, а потоа Чунг Ју-јунг направил уште еден чекор нанапред и ја создал групацијата „Hyundai“, име што потекнува од корејските зборови „hyun“, што значи модерен, и „dai“, што значи ера, или генерација.
Пристапот на постојаните иновации и желбата за подобра иднина оттогаш биле главната движечка сила на брендот.
Последниот поттик за корејскиот производител дошол во 1967 година со основањето на „Hyundai Motor Company“ и отворањето на „Ulsan“, најголемиот индустриски комплекс за склопување автомобили во светот и најголемото бродоградилиште во светот.
Оваа компанија има производствен капацитет од 1,6 милиони возила годишно, а нејзина специјалност е контролата на целиот логистички синџир.
Секогаш свесен за своето потекло, Чунг Ју-јунг донирал многу, основал фондации, градел патишта, болници, училишта… работел за развојот на својата земја, но никогаш не го заборавил ниту своето потекло. Пред крајот на неговиот живот во 2001 година, со 100 милиони долари инвестиција за да се забрза и економскиот развој на Северот, отпатувал од едната во другата Кореја, опкружен со 1.001 крава, донација за севернокорејската држава за да се бори против гладот.
Чувството на братството, кое го придружувало во текот на целиот живот, сакал да го пренесе и на самото лого на „Hyundai“, стилизираното „H“, кое на најновиот дизајн сугерира ракување на две лица.