Oд денеска може да се аплицира за субвенција за станбен кредит од државата преку проектот „Купи куќа, купи стан“, информират од Министерството за финанси. Граѓаните преку јавниот повик кој е објавен ќе можат да поднесат барање, заклучно со 31 август 2022 година, за државна субвенција на учеството или на месечната рата за купување на нов стан или изградба/купување на нова куќа.
Од министерството појаснуваат дека субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.
Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели коишто нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види во прирачникот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.