Многу генерации пораснаа со оваа вистинска приказна: „Убавицата и ѕверот“ крие трагична судбина на двајца млади?!

ПРИКАЗНИ FEATURED 1

Познатата бајка „Убавицата и ѕверот“ со која пораснаа многу генерации, а компанијата Дизни ја стави и на платно, всушност е вистинска приказна.

Приказната за убавата девојка која се омажила за „ѕвер“ не е измислена. Оваа приказна првпат е објавена во 1740 година во Франција. Напишана е од Габриел Сузан де Вилнев врз основа на вистински настани и лица. Вистинскиот „ѕвер“ од оваа приказна е човек по име Петрус Гонсалвус, роден во 1537 година на Канарските острови, кој боледувал од хипертрихоза или синдром на врколак – тогаш непозната и неизлечива болест.

Кога имал само 10 години, Гонсалвус бил затворен во кафез и испратен во Франција како подарок за крунисувањето на кралот Хенри II. Иако бил затворен во подрум и го третирале како ѕвер, лекарите заклучиле дека се работи за вистинско момче. Од тој момент работите почнале да одат во корист на Гонсалвус, а Кралот решил момчето да се едуцира. Кралот не се надевал многу дека тоа момче нешто ќе научи, но наспроти сите очекувања, Гонсалвус се покажал како добар ученик и без многу потешкотии успеал да научи и неколку странски јазици и манири на високото општество. Напредокот на Гонсалвус најдобро се гледа по тоа што успеал да стане угледен член на кралската палата, што значело и добивање на сите привилегии на тогашната аристократија.

По смртта на Хенри II, францускиот престол го презела кралицата Катерина ди Медичи, неговата сопруга, која важела за личност со тешка природа. Таа, од сомнителни мотиви, креирала планови да се омажи за Гонсалвус. Според приказните од кралскиот двор што кружеле во тоа време се раскажувало дека кралицата на бракот со Гонсалвус гледала како на „забава“ и дека би сакала да види деца кои боледуваат од хипертрихоза.

Плановите на кралицата на крајот се оствариле. Гонсалвус се оженил со девојка која била истоименичка на кралицата, биле во брак 40 години и имале седум деца.

Тоа, сепак, не бил и крајот на предизвиците на Гонсалвус. Четири од неговите деца страдале од синдромот на врколак додека целото негово семејство било „експлоатирно“ по европските судови. Со парадирање пред европските кралски палати, семејството на Петрус заработувало за живот, но и служело за потсмев и забава.

Слична судбина доживеале и наредните потомци. Повеќето од децата биле праќани како подароци на благородништвото и биле третирани како миленичиња, а не како луѓе.

„Ситуацијата беше многу чудна. Ниту беа „робови“, ниту „слободни“, туку беа како „вработени“, раскажал Роберто Запери, италијански историчар и биограф на Гонсалвус.

Иако живееле удобно и официјално имале добар социјален статус, Гонсалвусите никогаш не биле целосно третирани како луѓе. Петрус Гонсалвус бил погребан без последното помазание од свештеник.