Народната банка донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите

ПАРИ

„Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на којашто донесе Одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките. Оваа одлука се однесува и на штедилниците“, соопшти денеска Народната банка.

Покрај оваа одлука советот на Народната банка донесел и повеќе мерки за монетарно олабавување и регулаторна флексибилност, како поддршка на банкарскиот систем и економијата во целина, во услови на криза.

„Најновите показатели потврдуваат дека банкарскиот систем успешно ја одржува својата стабилност, при што кредитите и натаму растат, а капиталните позиции на банките се стабилни. Сепак, неизвесноста од корона-кризата сè уште трае. Поради тоа, со Одлуката донесена на денешната седница, којашто е времена мерка, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“, стои во соопштението.

„Одлуката е од привремен карактер и ќе важи до крајот на оваа година, а Народната банка, најдоцна до 30 септември, повторно ќе ги оцени околностите со пандемијата поради кои е донесена одлуката. Во зависност од оцената, Народната банка може предвремено да го укине ограничувањето од оваа одлука“, стои во соопштението.

„За оваа одлука има можност „Македонската банкарска асоцијација“, да поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста“, велат од Комерцијална банка, чии акции се едни од најтргуваните на берзата и која непосредно пред соопштението на Народната банка, објави дека ќе дели дивиденда на своите акционери.