Еден ден таткото заедно со својот 10 годишен син, тргнале на пат со нивното магаре. Таткото бил повозрасен и нозете го болеле од работата, па го јавал магарето, а синот ги водел пешки. Кога стигнале до првото село, селаните, кои биле многу љубопитни, ги гледале како одат и искоментирале:
„Види, види… старецот го јавнал магарето, а си го оставил детето да оди пешки“, рекол еден селанец и му дофрлил: „Симни се од тоа магаре, и онака си премногу тежок за него. Качи го детето, нели гледаш колку е уморно“.
Таткото го послушал селанецот, се симнал од магарето и го качил синчето да го јава.
Понатаму патот ги водел во друго село, но повторно добиле негативен коментар,
„Види, види… го оставил ова „мрзливче“ да одмара, а тој пешки“, рекол еден селанец од второто село и додал „Зарем не ти е жал за татко ти, тој да оди стар и беспомошен, а ти си уживаш?!“
Синот се засрамил и слегол, а веднаш штом излегле од тоа село одлучиле и двајцата да го јаваат магарето, претпоставувајќи дека така ќе ги замолчат луѓето. Но, штом пристигнале во следното село, сите негови жители излегле на патот и започнале дури и да им викаат да се симнат од тоа кутро магаре, зарем не им е жал за животното.
И, и таткото и синот повторно биле засрамени, па се симнале од магарето и продолжиле понатаму.
Кога излегле од третото село, размислиле и се договориле тие да го носат магарето, Зеле еден дебел стап и на него за нозете го врале магарето, па едниот од едната страна на стапот, другиот од другата, продолжиле понатаму. Нивниот пат ги водел во четвртото село.
Само што влегле, селаните започнале да им се смеат. Се насобрале околу нив и им рекле дека се „ненормални“, имаат магаре и наместо тоа да ги носи нив, тие го носат него.
Тогаш таткото многу се налутил, го спуштил магарето на земја и започнал да го одврзува. Си рекол, навистина сум глупав бидејќи сакам да им погодам сите. Отсега па натаму, со своето магаре самиот ќе одлучувам што сакам да правам, а луѓето што сакаат нека зборуваат.
Наравоучение:
Без разлика како и колку ќе се обидувате да им погодите на сите луѓе или сите да ги направите среќни, сè уште не се родил оној кој ќе им угоди на сите.